Македонија
Нови средства за малите и средни претпријатија од ЕИБ
Европската инвестициска банка (ЕИБ) е подготвена да финансира нови средства наменети за малите и средни претпријатија бидејќи ја подигнуваат економијата, како и поради солидната искористеност на средствата од претходната кредитна линија, која изнесуваше 100 милиони евра
„Штом се стигне во крајната фаза од проектот од 100 милиони евра за малите и средни претпријатија банката е подготвена да обезбеди нови средства бидејќи оваа кредитна линија им помогна на фирмите успешно да ја пребродат кризата и да нема големи последици во отпуштањата“, изјави Зоран Ставрески, министер за финансии.Тој рече дека досега претпријатијата искористиле околу 55 отсто од овие средства.„Задоволни сме од искористеноста на кредитите за претпријатијата. Планираме да обезбедиме и нова линија бидејќи малите и средни претпријатија се сржта на економијата во регионот и всушност се компании во кои што се создаваат работните места“, рече Дарио Сканапиеко, потпретседател на ЕИБ.Тој вели дека сеуште не ја знае висината на идната предвидена кредитна линија, но доколку проектите се добри, ќе бидат финансирани.На денешната средба помеѓу министерот за финансии и потпретседателот на ЕИБ е разговарано и за проекти во делот на патната структура, како финансирање на Коридорот 10, финансирање на железничкиот сообраќај на коридорот 8, гасификацијата на Македонија.Ставрески рече дека банката е заинтересирана и за финансирање на втората и третата фаза на хидросистемот „Злетовица“, како и финансирање на мали хидроцентрали.ЕИБ минатата година и даде поддршка на Македонија од 150 милиони евра за два проекта, Околу 100 милиони беа наменети за малите и средни претпријатија успешно да ја надминат економската криза, а 50 милиони за водоснабдување и одвод на отпадни води.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels
Економија
Нова потенцијална инвестиција на компанијата „Интекар глобал“
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со генералниот менаџер на компанијата Интекар Глобал, Махмутхан Келеш. Средбата, која претставува продолжение на разговорите започнати минатиот месец, беше посветена на разгледување на конкретни можности за потенцијално инвестирање од минимум 20 милиони евра.
Директорот Димовски ги претстави активностите и приоритетите на Владата, при што ја истакна подготвеноста за поддршка на компании кои планираат проширување на своето присуство и реализација на развојни проекти кои носат висока додадена вредност.
Од страна на Махмутхан Келеш, генерален менаџер на компанијата Интекар Глобал беа презентирани досегашните резултати, како и визијата за натамошен развој, при што беше нагласен интересот за продлабочување на соработката и разгледување на можности за потенцијална инвестиција од минимум 20 милиони евра. Во тој контекст, беше потенцирана важноста на стабилната деловна средина и институционалната поддршка за успешно реализирање на долгорочни деловни планови.
Компанијата Интекар Глобал која веќе подолг период работи во Индустриската зона Дуброво, Неготино е водечки производител во индустријата за кабли со широк спектар на производи, од нисконапонски до средно напонски кабли, соларни кабли и специјални кабли. Компанијата е препознаена по високите стандарди за квалитет, флексибилноста во прилагодување на барањата на клиентите и силниот акцент на технолошки развој и енергетска ефикасност.
Оваа средба – продолжение на разговорите започнати ноември годинава, претставува дел од концептот посветен на активна комуникација и соработка со сите инвеститори. Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, останува и понатаму посветена на создавање стабилна и предвидлива деловна средина, преку партнерски однос со инвеститорите и институционална поддршка за реализација на инвестиции што придонесуваат кон економски раст и отворање нови работни места.
Економија
Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони во енергетиката
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата потпишала договори за инвестиции во енергетскиот сектор во вкупна вредност од околу 100 милиони евра, со што, како што истакна, енергетиката се позиционира како еден од клучните национални приоритети.
Како што наведе Мицкоски, потпишани се договори за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3. Вкупната вредност на инвестициите изнесува 97 милиони евра, од кои 50 милиони евра се обезбедени од КФВ банка за фотонапонската електрана „Битола 3“, 10 милиони евра се наменети за ревитализација на хидроелектраните, додека 37 милиони евра се средства од Европската банка за обнова и развој за истиот фотоволтаичен проект.
Според премиерот, со овие проекти инвестициите во енергетскиот сектор се приближуваат до 100 милиони евра и имаат стратешко значење за националната безбедност, економската стабилност и долгорочниот развој на државата. Тој посочи дека сигурен и стабилен енергетски систем е предуслов за намалување на зависноста од увоз на електрична енергија и за стабилизирање на енергетскиот биланс.
Мицкоски истакна дека фотонапонската електрана „Битола 3“ претставува чекор кон модерна и одржлива енергетика, додека ревитализацијата на хидроелектраните ќе придонесе за зголемена ефикасност и продолжен работен век на постојните капацитети.
Премиерот додаде дека инвестициите ќе имаат и економски ефект преку отворање нови работни места, ангажман на домашната индустрија и развој на локалните заедници. Тој изрази благодарност до Министерството за финансии, АД ЕСМ, како и до меѓународните партнери КФВ Банка и Европската банка за обнова и развој за поддршката и довербата во проектите.

