Македонија
Скопскиот аеродром меѓу најдобрите 10 во источна Европа
Втора година по ред ТАВ Македонија го добива престижното признание на „Скајтракс“ – Светски аеродромски награди, рангирајќи го скопскиот меѓународен аеродром „Александар Велики“ меѓу десетте најдобри аеродроми во источна Европа.
Аеродромот „Александар Велики“, со кој оперира ТАВ Македонија, е рангиран меѓу десетте најдобри авиопристаништа во источна Европа за 2016 година во рамки на Светските аеродромски награди што неодамна се одржаа во германскиот град Келн. Овој светски собир го организира реномираната британска организација „Скајтракс“ којашто престижното признание на скопскиот аеродром му го доделува втора година по ред.
„Среќни сме што по вторпат ја добиваме Светската аеродромска награда на „Скајтракс“, која што го рангираше скопскиот аеродром меѓу десетте најдобри во источна Европа, што е уште еден доказ за посветеноста на ТАВ Македонија кон нашите ценети патници и авиопревозници. Ова е престижно признание во авијацијата кое што се доделува секоја година во конкуренција на 550 аеродроми ширум светот, при што се оценува искуството на патниците во различни аеродромски услуги, како што се чекирање, пристигнување, трансфери, шопинг, безбедност и т.н. Фокусирани на главниот аеродром во Република Македонија, во ТАВ Македонија сме посветени на развој на успешен лидерски тим и ги вреднуваме важните улоги кои аеродромските работници ги имаат на аеродромот“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Скопскиот аеродром годинава се најде на 9. позиција на топ 10 листата на аеродроми во источна Европа, во категоријата – Најдобри аеродроми според регионот. Листата ја предводи аеродромот во Будимпешта, по што следат воздушните пристаништа во Талин, Киев, Рига, Белград, Тбилиси, Софија, Братислава, Скопје и Варна.
„Скајтракс“ наградите беа доделени на саемот за аеродромски услуги ,,Passenger Terminal Expo’’, кој неодамна се одржа во германскиот град Келн.
Според Светските аеродромски награди, најдобрите 10 аеродроми во светот за 2016 се: Чанги во Сингапур, Инчеон во Јужна Кореја, Минхен, Ханеда во Токио, Хонг Конг, Центраир во Нагоја – Јапонија, Цирих, Хитроу во Лондон, Кансаи во Јапонија и Хамад во Доха.
„Скајтракс“ е истражувачка организација основана во 1989 година со седиште во Лондон, Велика Британија. Организацијата е специјализирана за спроведување на истражувања во авиоиндустријата посветени на подобрување на услугите што авиокомпаниите и аеродромите им ги нудат на патниците низ светот.
Изминативе 16 години ги спроведува истражувањата за најдобрите авикомпании и аеродроми во светот. Доделувањето на Светските аеродомски награди почна во 1999 година, кога „Скајтракс“ го спроведе првото глобално истражување за задоволството на патниците од аеродромите. Денес, оваа награда се базира на спроведени 13,2 милиони анкети и прашалници, пополнети од аеродромски патници од 106 националности за време на периодот на испитување, кој траеше од јуни 2015 година до февруари 2016 година. Со истражувањето беа опфатени 550 аеродроми во светот, а преку него се проверуваа искуствата на патниците во поглед на различни аеродромски услуги како чекирање, пристигнување, трансфери, шопинг, безбедност и други услужни сегменти.
Скопскиот аеродром „Александар Велики“ минатиот месец ја доби наградата ASQ (Airport Service Quality) за најдобар аеродром за 2015 година во Европа, во категоријата – аеродроми со помалку од 2 милиона патници, што е трет пат како го добива ова признание од страна на престижната авијациска организација ACI, по добивањето на наградата во истата категорија во 2012 и 2013 година.
ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со пораст од 22 проценти на вкупниот број на патници на двата македонски аеродрома – „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, достигнувајќи бројка од 1.560.381 патник. Истовремено, вкупниот број на воздухопловни операции беше 15.510, со пораст 11 отсто на годишно ниво. Трендот на зголемен сообраќај продолжува и годинава. Во првите два месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 219.378 патници, што е пораст од 28 отсто во однос на истиот период во 2015 година. Истовремено, бројот на операции (полетувања и слетување) на двата аеродроми е зголемен за 15 проценти./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

