Македонија
Аркан Керим избран за претседател на Туристичко – угостителската комора при ССК
Туристичко – угостителската комора (ТУК) во рамки на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), одржа собрание на кое присуствуваа над 70 компании членови. На собранието компаниите го избраа Аркан Керим, генерален менаџер на „Генералтурист“ за претседател на ТУК при ССК.
Како резултат на заложбите во изминатите години во областа на туризмот, како во афирмирање така и во спроведување на активности за унапредување на туризмот и угостителството, компаниите му ја дадоа довербата за претстојниот мандат на г. Керим.
„Чест и задоволство ми е што компаниите ми доверија мандат да ја водам Туристичко – угостителската комора при ССК. Свесен сум за одговорноста и поддршката која ми ја дадоа колегите. Пораката на ТУК од Струга и струшко охридскиот регион кој е значаен туристички центар во Република Македонија е дека ќе ги посетиме сите општини во нашата земја за дополнително да го јакнеме членството и да го развиваме моделот на јавно-приватно партнерство за развој на туризмот во општините. Една од нашите главни задачи во иднина ќе биде, регионално и меѓународно поврзување со сите компании од секторот туризам и угостителство. На тој начин, здружени полесно ќе ги детектираме предизвиците во насока на подобро деловно опкружување и развој на оваа многу значајна гранка“, изјави Керим, по изборот за претседател на ТУК при ССК и додаде дека ќе се залага за поголема промоција на домашните компании и туризмот воопшто како и соработка со надлежните институции.
Во Туристичко – угостителската комора при ССК членуваат етаблирани компании од сите дејности во секторот туризам. Од 2010 година, оваа функција ја извршуваше Феркан Бербери. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

