Македонија
Австриски компании:Македонија не посветува доволно внимание за условите за успешен бизнис
Борбата против корупцијата, платежниот морал и ЕУ интеграциите се трите најважни услови за успешен бизнис, но Македонија реално не посветува сериозно внимание на нивното исполнување.
Ова е заклучокот од третото истражување на бизнис климата во Македонија, кое го спроведува Трговското одделение при Австриската амбасада во земјава.
Задоволството на бизнисмените од тоа како Македонија се справува со овие три предуслови за успешен бизнис е на многу ниско ниво во однос на нивното рангирање како најважни точки за водење бизнис, стои нотирано во истражувањето.
„Ова е трет пат што ја прашуваме австриската бизнис заедница за нејзините видувања за економската ситуација во Македонија. За жал, една четвртина од нив, генерално, се песимисти за 2016 година во однос на минатата година, иако покажуваат оптимизам кога станува збор за состојбата во нивната компанија. Половина од нив планираат да вработат нови луѓе. Сепак, прашање број еден за австриските компании е политичката стабилност и затоа, тие внимателно го следат развојот на настаните“, рече Герхард Шлатл, трговско аташе на Република Австрија во Република Македонија.
Освен овие три услови, бизнисмените нотирале дека овој јаз се јавува и кај инфраструктурата, царинскиот систем и управа, еколошката ситуација, како и кај достапноста до човечки ресурси.
Штефан Петер, извршен директор во ЕВН Македонија и претседател на Советот на странски инвеститори, објаснува дека 2015 година била тешка година за македонската економија.
„2015-тата беше тешка година за македонската економија. Но, можеби тоа функционира. Растот на БДП од 3,5% е добар показател, дури и во однос на некои европски држави. Турбуленциите на некои пазари влијаеја врз некои бизниси во Македонија што доведе до стагнација, дури и полошо. Затоа е неопходна добра стратегија за развој за да се надмине оваа состојба. Ние сме позитивни и веруваме дека секој предизвик е можност“, објаснува Петер.
За оваа 2016 година, според истражувањето, 485 од компаниите очекуваат раст на прометот, повеќе од 40% планираат нови вработувања и повеќе од 30% планираат да ги зголемат инвестициите.
Во истражувањето учествуваа стотина менаџери на австриските компании во Македонија, како и македонски компании кои соработуваат со нив. Истражувањето е спроведено во ноември и декември 2015 година.
Вкупната вредност на директните инвестиции од Австрија во Македонија, во 2015 година, изнесуваат 516,3 милиони евра со што Австрија е втор најголем инвеститор во земјава. /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

