Македонија
Бензините поевтинуваат денар, дизелот половина денар

Малопродажните цени на бензините се намалуваат за еден денар од ноќеска на полноќ, додека цената на дизелот ќе биде пониска за половина денар.
Ваква одлучи Регулаторната комисија за енергетика на редовната седница посветена на корекција на цените на нафтените деривати.
Согласно одлуката, цената на литар еуродизел БС-95 изнесува 62,5 денари, додека литар еуродизел БС-98 ќе се продава по цена од 75 денари.
Малопродажната цена на еуродизелот изнеува 62,5 денари за еден литар, додека екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе се продава по 51 денари за литар.
Поевтинува и цената на килограм мазут за 1,058 денари, со што новата цена на мазутот М-1 НС изнесува 34,835 денари за килограм. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Митева: Порастот на БДП и странските директни инвестиции ги одразуваат стабилните економски перформанси

Бројките ги одразуваат стабилните економски перформанси – БДП за 2024 е 2.8 отсто, а СДИ достигнаа над 1 милијарда евра, објави владината портпаролка, Марија Митева.
„Македонскиот бруто-домашен производ (БДП) забележа раст од 3,2 отсто во последниот квартал од 2024 година, со што вкупниот раст на БДП за целата година достигна 2,8 проценти. Овие бројки ги одразуваат стабилните економски перформанси, поттикнати од стратешките политики, подобрените деловни услови и континуираните инвестиции во клучните сектори“, рече Митева.
Како што рече, во граадежништвото е забележан значителен раст од 13,2 отсто, а тоа ги потврдува зголемените инвестиции и активност во инфраструктурни проекти. Повеќе јавни и приватни инвестиции, придонесуваат за зголемена активност во градежниот сектор, кој стана водечка индустрија за раст на БДП.
Зголемен е порастот и во стручни, научни и технички дејности, овој сектор пак се покажа како еден од клучните двигатели на економијата, во контекст на зголеменото внимание на иновациите, технолошкиот напредок и дигитализацијата, што директно влијае на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија каде има пораст од 10,6 отсто.
Подеднакво значајна вест, рече Митева, е што 2024 година веќе постави историска пресвртница во странските директни инвестиции кои достигнаа 1милијарди и 255 милиони евра, највисока сума во историјата на Македонија. Овој извонреден прилив на инвестиции, додаде таа, е јасен доказ за довербата што ја имаат меѓународните инвеститори во нашата економија и нејзиниот иден потенцијал.
Економија
Исплатена првата транша во вредност од 10,4 милиони евра од унгарскиот кредит

Развојната банка ја исплати првата транша во износ од 10,4 милиони евра кон комерцијалните банки за проекти на 47 компании од новата кредитната линија за инвестиции и развој.
Структурата по вид на инвестиција од оваа транша е следна: 48 % во градежни, 22 % во опрема, 10 % во обновливи извори на енергија и 20 % инвестиции во транспортни средства. Со овие средства се поддржани 3 микро, 25 мали, 11 средни и 8 големи компании во државата. Од оваа транша во најголем дел се поддржани компании од областа на производството со износ од 3 милиони евра.
Првата транша е обработена и исплатена во најбрзо време, со оглед на тоа што рамковните договори со банките се потпишуваа по 31.1.2025 година.
Развојната банка соопшти дека периодов интензивно работи на повлекување на втората транша во согласност со барања за повлекување средства од страна на банките, за одобрени проекти наменети за инвестиции и за развој на компаниите.
Економија
„Алкалоид“ одбележа половина век информатичка технологија: пред 50 години почна со работа култниот компјутерски центар

Во февруари 1975 година официјално започнал со работа сегментот за информатичка технологија при „Алкалоид“, чија цел била трансформирање на процесите од аналоген во дигитален формат со употреба на т.н. мини компјутери од марката Burroughs L-3000/4000 Series:
„Тие се мали по своите физички димензии, но релативно големи по обемот на меморијата и можностите за решавање на поставената проблематика, користејќи ги сите предности на технологијата на интегрирани кола“, ќе објасни во написот за весникот на „Алкалоид“ основачот и тогашен директор на т.н. Компјутерски центар на компанијата, Трајче Мукаетов.
Овие мини компјутери, кои тежеле 186, односно 227 килограми, ги чувале податоците на магнетни дискови со 40 патеки и со капацитет од 1280 збора (64 бита од збор). Како периферни единици се користеле читачот и дупчалката на книжната лента (punch card), коjа денес стои меѓу експонатите во Музејот на „Алкалоид“.
Некогашниот Компјутерски центар, како култен институционален облик, претставува крвоток на сите деловни операции на „Алкалоид“ АД Скопје во земјава и надвор. На симболичното одбележување на петдеценискиот јубилеј, сегашните вработени во Центарот за информатичка технологија и телекомуникации „Трајче Мукаетов“ ги поканија пензионираните извршители кои биле дел од овој сегмент од неговото основање, оддавајќи им почит за заложбите.
Во јули 2007 година „Алкалоид“ беше меѓу првите македонски компании кои самостојно го воведоа системот САП/ЕРП. Имплементирани и во фаза на имплементација се најразлични системи и напредни алатки за анализа на податоци, меѓу кои: DMS (Document Management System), BMS (Building Management System), CRM (Customer Relationship Management), CDS (Chromatography Data Systems), LIMS (Laboratory Information Management System), MES (Manufacturing Execution System), DAS (Document Approval System).
Во делот на дигитализацијата во фокусот останува постојаното вложување во технологии кои овозможуваат зголемена ефикасност, побрзо донесување одлуки и поголема прецизност во секој аспект од работењето. Овој холистички пристап спрема дигитализацијата ја прави компанијата пофлексибилна и поспособна да одговори на динамичните потреби на глобалниот пазар, создавајќи основа за долгорочен раст и за зголемено ниво на конкурентност.
(ПР)