Македонија
Бизнисмени од Гвангдонг се запознаа со поволностите за инвестирање во Македонија
Македонскиот премиер Никола Груевски во петокот заедно со владината делегација присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Гвангжу кој е главен град на кинеската провинција Гвангдонг.
Бизнис форумот е организиран во соработка со Веибо групацијата која што веќе има објавено дека ќе инвестира во Североисточниот дел на Република Македонија и ќе отвори 5 000 нови работни места во рамките на нивните капацитети.
На бизнис форумот присуствуваа повеќе од шеесетина претставници на компании од областа на автомобилската индустрија, електрониката, енергетиката, инженерството, банкарството, инвестициски фондови, текстилната и кожарската индустрија.
Премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните ги објасни поволностите и предностите кои нашата држава ги овозможува на странските инвеститори.
Груевски во рамките на своето обраќање се осврна на реформите кои се спроведуваат, а чија цел е подобрување и унапредување на бизнис климата на Република Македонија.
Тој ги истакна најниските трошоци за правење на бизнис во Европа кои ги овозможува Македонија, поволностите во технолошко-индустриските развојни зони и инвестициите во образованието, во насока на креирање на способна и едуцирана работна сила, а стави акцент на макроекономските индикатори кои што креираат предвидливо економско опкружување кое е потребно за бизнис секторот.
Имаме солиден раст, на пример минатата година ја завршивме со раст на БДП од околу 3.1% што беше трет најголем раст во Европа во 2013 година. Оваа година во првиот квартал ние имаме раст на БДП од 3.9% што е прв најдобар резултат во Европа, изјави пред присутните премиерот Груевски.
Во име на властите на Гвангдонг се обрати Ву Кент, кој даде позитивна оценка за бизнис форумот кој што го одржува македонската Влада истакнувајќи дека на овој начин се градат многу поволни врски за соработка помеѓу двете страни.
Ву Кент истакна дека Македонија нуди добри можности за инвестиции на компаниите од Гвангдонг и посочи дека властите ги охрабруваат бизнисмените од Гвангдонг да инвестираат во Македонија.
Со својот уникатен економски план и Македонија и Гвангдонг се во критична фаза на својата индустриска трансформација и надградување. Двете страни имаат свои комплементарности и пред нив стои голема иднина за нивна соработка, истакна Ву Кент во своето обраќање пред присутните.
Фактот што бизнис форумот во Гвангжу беше организиран во соработка со групацијата Веибо и на него учествуваа поголем број на партнери на компанијата Веибо, дава поголеми шанси за реализација на потенцијални странски инвестиции во Република Македонија.
Имавме добра и одлична посетеност на голем број на компании, а посебно е значајно што голем дел од овие компании се партнери на Веибо групацијата која веќе донесе одлука да инвестира во Македонија и да вработи над 5 000 луѓе. Тоа ја зголемува шансата да и овие компании што се нејзини партнери да се одлучат да го следат тој пат и да ја искористат добрата бизнис клима и да инвестираат во Македонија со цел да се отворат нови работни места, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески по завршувањето на бизнис форумот.
Владината делегација предводена од премиерот Груевски утре ќе одржи работна средба со менаџментот на Веибо на која ќе се разгледуваат идните планови за реализација на проектите и за развој на односите помеѓу двете страни. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.
Економија
Трипуновски: Со новата Програма воведуваме ред и правична распределба на субвенциите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската говорница истакна дека опозицијата шири паника и дезинформации меѓу македонските земјоделци.
„Во изминатите денови сведочиме на класичен модел на политиканство од страна на опозицијата, наместо дебата, се пласираат лаги и манипулации со цел да се создаде хаос во македонскиот аграр“, истакна министерот.
Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.
„Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци“, појасни министерот Трипуновски.
„Со измените се предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции. И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства“, додаде тој.
Министерот појасни дека овие измени нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од две години за да се усогласат.
„Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство“, истакна тој.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во делот на примарното земјоделско производство и преработката е евидентиран позитивен биланс, што, како што посочи министерот е дополнителен мотив за реформи во секторот.
Министерот Трипуновски додаде дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.
„Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството“, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека пред и по донесувањето на Програмата, одржани се бројни состаноци со земјоделските здруженија, кои биле информирани за новините и истите ги поздравија.
„Владата останува целосно посветена на развојот на македонскиот аграр“, порача министерот Трипуновски.

