Македонија
Чех Ерлајнс воведува директна линија Скопје-Прага
Чешката авиокомпанија Чех Ерлајнс (CSA) во четвртокот најави дека од 20 мај 2016 година ќе ја обнови својата редовна авионска линија Скопје – Прага, со три лета неделно.
Продажбата на билетите за летовите Скопје – Прага е отворена преку сите канали за продажба. Билет во еден правец чини 5.039 денари, додека пак цената за повратен билет изнесува 9.725 денари вклучувајќи ги сите такси
Чех ерлајнс (CSA) ќе почне со операции на линијата Скопје – Прага од 20 мај 2016 и ќе лета два пати неделно кон аеродромот ,,Александар Велики’’. Полетувањето од Скопје ќе биде во понеделник и петок наутро во 04:10 по локално време, а пристигнувањето на аеродромот ,,Вацлав Хавел’’ во Прага во 06:00 по локално време.
Од 13 јуни 2016, авиопревозникот ќе додаде уште едно полетување од Скопје во среда во истото време. Летовите од Прага ќе бидат во четврток и недела, а од 14 јуни 2016 и од вторник, навечер од 22:25 по локално време, со пристигнување во Скопје во 00:25. Летовите ќе бидат оперирани со модерни воздухоплови Ербас A319 со 144 седишта во бизнис и економска класа. Чех ерлајнс (CSA) планира да оперира преку целата година.
Билетите за новата рута од вчера се во продажба преку сите канали на авиокомпанијата, односно преку веб-страницата www.czechairlines.com, како и преку нивниот контакт-центар и мрежата на туристички агенции кои се занимаваат со продажба на авиобилети.
„Многу сум среќен што традиционалниот бренд – Чех ерлајнс (CSA), еден од најстарите авиопревозници во светот, наскоро ќе се врати кон своите дестинации на Балканскиот полуостров. Ние го сметаме овој регион за многу перспективен благодарение на фактот дека овие земји се на патот кон Европската Унија. Постојат многу деловни операции меѓу Македонија и Република Чешка. Токму во овој регион гледаме потенцијал за редовен воздушен сообраќај. Во исто време, веруваме дека директната врска меѓу Прага и Скопје ќе придонесе за натамошен развој на деловните односи меѓу двете земји. Исто така, убедени сме дека редовната директна врска ќе биде привлечна за туристите од двете земји. Македонија и Чешка, како и Скопје и Прага, без сомнение имаат бројни атрактивни места за сите видови туристи“, изјави Jан Тот, директор за комерција и маркетинг во Чех ерлајнс (CSA).
Редот на летање е направен да одговара на македонските деловни и туристички патници кои патуваат во Прага, односно Чешка. Двете целни групи ќе може да го планираат својот престој така што ќе имаат време од два полни дена со една ноќ или еден продолжен викенд.
„Со новата линија Скопје-Прага остваруваме уште едно барање на нашите ценети патници за директен лет до една од најубавите европски метрополи, градот на стоте куполи, како што ја нарекуваат Прага. Авиокомпанијата Чех ерлајнс (CSA) оваа линија успешно ја опслужуваше од 2005 до 2012 година. Повторното летање за Прага ќе овозможи поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија. Очекуваме поголем прилив на чешки туристи, како и зголемување на карго-превозот“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Пристигнувањето на новите летови од Скопје кон Прага е координирано со поаѓањето на многу редовни летови на Чех ерлајнс (CSA). Патниците кои патуваат од Скопје на тој начин ќе имаат можност да го продолжат патувањето со брз и лесен трансфер, со летовите Чех ерлајнс (CSA) до голем број на традиционални дестинации како што се Амстердам, Брисел, Франкфурт, Дизелдорф и Париз, но и многу градови во Скандинавија, како на пример Билунд и Копенхаген во Данска, Гетеборг и Стокхолм во Шведска, како и Хелсинки во Финска. Од друга страна, воведувањето на редовни директни летови од Прага до Скопје ќе ја направи Македонија атрактивна и достапна за туристите од Чешка и од други земји.
По четиригодишна пауза поради преструктуирање, Чех ерлајнс (CSA) со оваа линија се враќа на своите традиционални дестинации на Балканскиот полуостров, од каде планира да почне операции на неколку дестинации до Прага. Во летната сезона 2016 година, Чех ерлајнс (CSA) планира да воведе и редовни летови до Прага од Загреб и од Сараево.
Историски, првиот лет од Скопје до Прага на Чех ерлајнс (CSA) беше на 17 мај 2005 година. Операциите на оваа линија беа прекинати на 17 март 2012 годдина поради преструктуирање на компанијата.
ТАВ Македонија од јануари до ноември годинава бележи зголемување од 21 отсто на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – ,,Александар Велики’’ во Скопје и ,,Свети Апостол Павле’’ во Охрид, притоа достигнувајќи 1.435.053 патници во периодот од 11-те месеци. Во исто време, вкупниот број на воздухопловни операции изнесува 14.244, што е зголемување од 10 отсто. /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.