Македонија
Дефлација од 0,5 отсто во декември во Македонија
Индексот на трошоците на животот, кој е клучниот показател за движењето на инфлацијата, во Македонија во декември 2014 година, вo споредба со декември 2013 година, забележа намалување од 0,5 отсто, а индексот на цените на мало забележа намалување од 2,3 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, на месечно ниво индексот на трошоците на животот во декември 2014 година е непроменет, додека индексот на цените на мало бележи пад од 0,3 отсто.
Во 2014 година, во однос на 2013 година, индексот на трошоците на животот бележи намалување од 0,3 отсто, а индексот на цените на мало бележи намалување од 0,9 отсто.
Движењето на индексот на трошоците на животот во 2014 година беше различно по одделни групи на потрошувачка, се вели во соопштението на Државниот завод за статистика.
Намалување на индексите е забележано во групите: Рекреација и култура за 3,9 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 1,6 отсто, Транспорт за 1,4 отсто, Ресторани и хотели за 1,2 отсто, Храна и безалкохолни пијалаци и Комуникации за 1,0 отсто и Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2 отсто.
Пораст на индексот е забележан во групите: Здравје за 7,9 отсто, Алкохолни пијалаци, тутун за 4,0 отсто, Останати стоки и услуги за 1,6 отсто, Облека и обувки за 0,7 отсто и Образование за 0,1 отсто.
Движењето на индексот на цените на мало во 2014 година, исто така, беше различно по одделни групи на производи.
Намалување на индексите е забележано во групите: Услуги за 1,6 отсто, Индустриско-прехранбени производи за 0,8 отсто, Индустриско-непрехранбени производи за 0,6 отсто и Земјоделски производи за 0,2 отсто.
Пораст на индексот е забележан во групата Пијалаци за 1,1 отсто.
Индексот на трошоците на животот во декември 2014 е на исто ниво како и во претходниот месец, но е забележано движење на цените во подгрупите.
Пораст на индексите на трошоците на животот е забележан кај свежиот зеленчук за 10,5 отсто и кај трајните колбасичарски производи за 0,3 отсто.
Исто така, пораст е забележан кај информатичката опрема за 2,9 отсто, пакет-туристичките аранжмани за 2,8 отсто, велосипедите за 1,3 отсто, сметот од домаќинствата за 1,1 отсто, гасот за домаќинствата за 0,9 отсто, апаратите за домаќинствата за 0,3 отсто и алатите и опремата за куќа и градина за 0,2 отсто.
Намалување на индексот на трошоците на животот во декември 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај овошјето за 7,8 отсто, маслото и маснотиите и шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,2 отсто, јајцата за 0,7 отсто, рибата за 0,4 отсто и конзервираната риба за 0,3 отсто.
Исто така, намалување на индексот на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 12,3 отсто, течните горива за домаќинството за 6,8 отсто, течните горива и мазива за 5,4 отсто, опремата за спорт и кампирање за 1,0 отсто, домашните миленици, храната и услугите за нив за 0,5 отсто и средствата за чистење и одржување на станот за 0,4 отсто. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

