Македонија
Десет милиони денари за инвентивните претприемачи
Претприемништвото подразбира генерирање нови идеи, кои што треба да придонесат за подобро општество и секојдневно живеење. Преку својата иновативност, младите луѓе имаат можност да ја изразат својата креативност, да превземаат ризици и постепено да го градат својот претприемачки дух.
Ова во четврток го истакна во Дебар министерот за економија Беким Незири, на свечената церемонија по повод доделувањето на титулата почесен доктор на науки на УАКС, Берт Твалфховен.
Министерот Незири рече дека Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво реализира мерки и активности за поддршка и развој на претприемништвото, а со нив се воспоставува тесна соработка и поддршка на бизнис центрите, бизнис инкубаторите и фондациите кои работат на обезбедување поддршка на претприемништвото и МСП, универзитетите и други институции кои имаат заедничка цел – промовирање на претприемништвото.
„Во оваа пригода посебно би го издвоил проектот Организирање на бизнис натпревар ’Биди перспективен започни свој бизнис’, кој годинава го организираме по трет пат и за кој предвидовме буџет од 10 милиони денари. Преку него студентите и младите потенцијални претприемачи аплицираат со бизнис идеи, најуспешните поминуваат обука за преточување на нивните идеи во бизнис план и на крај се пријавуваат на натпреварот со сопствени бизнис планови, а најдобрите се наградени“, рече Незири.
Берт Твалфховен од Холандија, успешен меѓународен претприемач и мецена на модерниот пристап кон претприемачкото образование, оцени дека претприемништвото во Македонија е на почетокот од својот развој, па оттука се неопходни финансиски олеснувања за старт-ап компании.
„На претприемништвото во Холандија, а да не ја споменувам статистиката во Кина со околу милијарда жители, му требаше долго време за да се развие. Но, тоа доаѓа од семејните бизниси. Така успешните семејни бизниси, како што ги имате овде, треба да бидат главните поддржувачи на овој процес. Во Холандија се практикува намалување на даноците со цел парите да се вложат во старт-ап компании. Она што е значајно е дека е потребно да минат најмалку 5 до 10 години за еден бизнис да се смета за успешен“, вели Твалфховен.
Според него, земји-лидери во претприемништвото во светот се Холандија, Германија, САД и Кина. Посебна новина во овој дел, потенцира Твалфховен е онаа што ја практикува Харвард Универзитетот, според која претприемништвото е присутно во целиот спектар професии во општеството и не се смета исклучиво како бизнис или работа со недвижнини, затоа што лекарите, архитектите се, исто така, претприемачи.
Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС) го прогласи д-р Берт Твалфховен за почесен доктор (Doctor Honoris Causa) заради поддршката што тој ја дава за поттикнување на претприемништвото во Македонија. Тој е основач на Европската фондација за истражување на претприемништвото (ЕФЕР) со која УАКС во последните осум години тесно соработува со цел да се иницираат и воведат новини во наставните програми за претприемништво во Република Македонија. /крај/мф/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

