Македонија
Доделени признанијата на најуспешните туристичко-угостителски работници
По повод 27 Септември – Светскиот ден на туризмот, министерот за економија Беким Незири, заедно со министерот за локална самоуправа Лирим Шабани им доделија плакети на најуспешните хотели, туристички агенции, ресторани и манифестации кои во претходната година со нивните активности придонеле за подобрување на туристичката понуда во Република Македонија.
Годинава, во категоријата хотели најуспешни беа Аурора Ресорт & Спа – Берово, Изгрев – Струга, Султан – Скопје и Скардус –Тетово, а меѓу најдобрите ’инкаминг’ туристички агенции се „Бадем Турс“, „Карачи“, „Визит Македонија“ и „ВАС –ТУР“, сите од Скопје. Со признание се закитија рестораните „Њу Стар“, „Рагуза“, „Венето“ и „Мираколи“ од Скопје, а за туристички манифестации кои ја одбележаа минатата година беа избрани Еснаф – Скопје, Фестивалот „Охридско лето“ – Охрид, Фестивалот „Браќа Манаки“ – Битола и Тетовското културно лето – Тетово.
Номинациите беа добиени од страна на стопанските комори за туризам, а беа земени предвид и податоците од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, за агенции со најмногу барања за субвенции и хотели кои евидентирале најмногу гости во претходната година. При селекцијата беа почитувани следниве критериуми: придонес во туризмот, ефикасно работење, и подобрување на туристичката понуда. На свечената церемонија, министерот Незири ги истакна резултатите кои Република Македонија ги забележа во во туристичкиот сектор.
„Во последните 3 години имаме просечно зголемување на бројот на вкупните посетители од 5%, додека само за последната 2013 година имаме зголемување од 5,8%, додека бројот на странските туристи е зголемен за 13,8%. Бројот на странските туристи во Македонија изминативе осум години двојно е зголемен за 98%, а вкупниот број на туристи забележува раст од 40%. Овие бројки во најголема мерка се резултат од субвенционирањето на странскиот организиран туристички промет, поради што Владата на Република Македонија секоја година ги зголемува средствата за оваа активност, па оваа година тие изнесуваат 2,5 милиони евра“, рече Незири.
Она што е особено важно да се потенцира, според Незири, е што минатата година за првпат бројот на туристи ја надмина бројката од 700.000, која беше и главна цел согласно Стратегијата за развој на туризмот.
Министерот Шабани, осврнувајќи се на темата на која глобално се одбележува Светскиот ден на туризмот годинава – „Туризмот и заедницата“, со посебен акцент на способноста на туризмот да ги поттикне луѓето и да ги обезбеди со вештини со кои ќе се постигне развој на нивните локални заедници, се осврна на проектите кои се реализираат и ќе се иницираат за рамномерен туристички, а со тоа и економски развој, од кои дел се преку реализирање на ИПА програмата за прекугранична соработка. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

