Македонија
ЕБОР со грант од 110.000 за зајакнување на капацитетите на КХВ
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во четвртокот соопшти дека со Комисија за хартии од вредност (КХВ) работи на поттикнување на развојот на локалниот пазар на капитал во Македонија, со иновативни проекти кои ќе ги зајакнат регулативните рамки и ќе го подобрат квалитетот на супервизија на локалните пазари на капитал.
ЕБОР помага во изградба на соодветна финансиска инфраструктура и регулатива, која може да го направи потранспарентен и поефикасен локалниот пазар на капитал, преку грант во износ од 110.000 евра, доделен како техничка поддршка на КХВ. Финансирањето се искористи за набавка на соодветен софтвер за оваа намена и за изградба на капацитетот помеѓу вработените во КХВ, зајакнувајќи го супервизорскиот капацитет на регулаторното тело.
Со воведување на новиот софтвер, Комисијата ќе се опреми со точен и безбеден извор на податоци, доставени од учесниците на локалниот пазар на капитал. Новиот софтвер ќе придонесе за поголема ефикасност и подобри стандарди на известување, поддржувајќи ја Македонија да се усогласи со регулативата на пазарите на капитал и правната рамка, согласно директивите на Европската Унија.
„Поддршката на развојот на локалните пазари на капитал е еден од приоритетите на ЕБОР во Македонија. Ова претставува значаен иновативен проект за пазарот на капитал во земјата. Ни претставува задоволство да видиме дека проектот е успешно имплементиран и истовремено сакаме да им се заблагодариме на нашите партнери, Комисијата за хартии од вредност, за нивната соработка и комплетирањето на проектот,” изјави Анка Јоана Јонеску, Претставник на ЕБОР за Македонија.
„Ни претставува гордост да работиме заедно со ЕБОР на овој иновативен проект. Веќе можеме да ги воочиме предностите од модернизацијата на софтверот, кој ни овозможува да бидеме поефикасни и да работиме во согласнот со еволуцијата на локалниот пазар на капитал. Задоволство ни е што ја надградивме соработката со ЕБОР преку овој проект”, изјави Елизабета Чингаровска, Претседател на КХВ.
Комисијата за хартии од вредност на Македонија претставува независно регулаторно тело, со статус на правно лице, одговорно за имплементација на Законот за хартии од вредност, Законот за инвестициски фондови и Законот за превземање, како и секундарната регулатива, усвоена врз основа на овие закони.
ЕБОР е ангажиран во развојот на локалните регионални пазари на капитал, поддржувајќи го СЕЕ Линк, акционерско друштво основано од Бугарската, Македонската и Хрватската берза. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.

