Македонија
Економските поволности на Македонија презентирани на бизнис форум во Чикаго
Премиерот Никола Груевски и владина делегација во чиј состав се вицепремиерот Зоран Ставрески, министрите без ресор задолжени за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и Џери Наумоф, и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо во средата присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Чикаго за презентација на поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.
Премиерот Никола Груевски и владина делегација во чиј состав се вицепремиерот Зоран Ставрески, министрите без ресор задолжени за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и Џери Наумоф, и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо во средата присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Чикаго за презентација на поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.
Чикаго е трет најголем град во САД со трет најголем бруто регионален производ и е оценет како град со најизбалансирана економија, со што претставува еден од главните финансиски центри и место каде се развива високата технологија.
Груевски пред присутните инвеститори на форумот посочи дека Владата е силно фокусирана кон подобрување на економијата. Тој истакна дека економскиот раст оваа година, во првите 6 месеци изнесува 4,1 отсто, што е најголем раст во Европа.
„Минатата година ја завршивме со трет најголем раст во Европа, а вчера Европската комисија објави извештај со кој известува дека според нивните анализи оваа година Македонија ќе ја заврши со втор најголем раст во Европа што е добар индикатор. Генерално Македонија води здрава и стабилна макроекономска политика. А во однос на бизнис климата би рекол дека Владата е целосно посветена кон креирање на добра бизнис клима и тоа е всушност нашата главна преокупација”, изјави Груевски.
Тој посочи дека во таа насока се спроведоа многу реформи и мерки меѓу кои и проектот регулаторна гилотина каде илјадници бирократски процедури станаа пократки, и поевтини или комбинација од ова, процес кој е спроведен со стопанските комори и во соработка со околу 300 компании од различни сектори. Премиерот Груевски истакна дека е инвестирано во успешен и квалитетен електронски катастар, воведено е електронско плаќање на даноци, едношалтерски систем за царината и многу други работи кои креираат добри услови за водењето на бизнис во Македонија.
Директорот Виктор Мизо посочи дека Чикаго и околината на американската држава Илиноис се средини каде има најголема концентрација на глобални (Форчн) 500 најголеми компании во светот и она што е важно што на овој форум денес дојдоа претставници од овој вид на фирми, кои се интересираа на кој начин да го подобрат и прошират својот бизнис во Европа, но истовремено да имаат поконкретна дестинација за своите производи.
„Освен она што ние го кажавме многу е важно и на кој начин реагираа присутните на форумот на коментарите на веќе постоечките компании кои веќе инвестираа во Македонија и го пренесоа своето искуство, пред се тука сакам да го истакнам „Кемет Електроникс“, односно нивното кажување за искуството од отпочнување на бизнис во Македонија и колку брзо успеале тоа да го направат, дури и над своите очекувања. Оттука очекувам форумот во Чикаго да придонесе за скорешна посета на компании каде конкретно ќе се интересираат за можностите за инвестирање и начините за проширување на својот бизнис”, изјави Виктор Мизо.
Извршниот директор на Стопанската комора на државата Илиноис во кој спаѓа и градот Чикаго, Лаура Ортега се осврна на можностите за соработка и искористување на потенцијалите во насока на развивање на економските односи.
„Стопанската комора на државата Илиноис опфаќа 3500 членови фирми, вклучувајќи и брендови и големи корпорации како „Катерпилар“, „Џон Деар“, „Боинг“, но и средни и мали компании. Во основа во нашата комора има најголема концентрација на фирми кои спаѓаат во групата на 500 (форчн) најголеми фирми во светот и кои имаат свои претставништва овде во Илиноис. Ги информирам членовите на комората за многу работи, а она што можам да го кажам за вечерашниот форум е дека сум апсолутно импресионирана за Македонија и можностите кои ги нуди и бизнис околина за која многу компании збореа. Импресионирана сум и со нетрпение ќе ги пренесам тие информации до компаниите од Стопанската комора на Илиноис за да се овозможи доколку можеме конкретна соработка“, изјави извршниот директор Лаура Ортега.
Дејвид Јанќосек кој е сопственик на инженерската компанија „Гленмон Глобал Солушн“, посочи дека размислува за отворање на компанија во Македонија која ќе отвори можност за ангажирање на висококвалификувана работна сила и ќе се занимава со инженерство и проектирање. Засега тоа се првични планови кои подетално ќе се разработат откако ќе ја посети државата.
„Задоволен сум што имам прилика да слушнaм непосредно од премиерот Груевски како Македонија реинвестира и гради за доброто на Македонија, за обезбедување на нула проценти данок за реинвестирана добивка, како и за можноста за давање под закуп на земјиште под поволни услови за период до 99 години. Многу сум возбуден од можностите за отпочнување на бизнис во Македонија и затоа го користиме овој форум за соработка и контакти за да ние инвестираме во Македонија во инженерството кое ни е неопходно во САД. Наместо да носиме инженери тука ние сакаме да вработиме инженери и веројатно да отвориме бизнис во Македонија “, изјави Дејвид Јанќосек./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.
Економија
Трипуновски: Со новата Програма воведуваме ред и правична распределба на субвенциите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската говорница истакна дека опозицијата шири паника и дезинформации меѓу македонските земјоделци.
„Во изминатите денови сведочиме на класичен модел на политиканство од страна на опозицијата, наместо дебата, се пласираат лаги и манипулации со цел да се создаде хаос во македонскиот аграр“, истакна министерот.
Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.
„Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци“, појасни министерот Трипуновски.
„Со измените се предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции. И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства“, додаде тој.
Министерот појасни дека овие измени нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од две години за да се усогласат.
„Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство“, истакна тој.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во делот на примарното земјоделско производство и преработката е евидентиран позитивен биланс, што, како што посочи министерот е дополнителен мотив за реформи во секторот.
Министерот Трипуновски додаде дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.
„Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството“, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека пред и по донесувањето на Програмата, одржани се бројни состаноци со земјоделските здруженија, кои биле информирани за новините и истите ги поздравија.
„Владата останува целосно посветена на развојот на македонскиот аграр“, порача министерот Трипуновски.

