Македонија
Голем интерес на земјоделците за новото индексирано осигурување
Земјоделците од кумановскиот регион покажаа голем интерес за новото индексирано осигурување на остварени приноси од посеви, кое од средината на овој месец, благодарение на Европа Ре, за првпат стана достапно на домашниот пазар.
Новото осигурување на кумановските земјоделци им беше презентирано на трибина одржана во Младо Нагоричане.Партнер на Европа Ре во организирање на трибините е Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделство.
„Со одржувањето на овие трибини сакаме преку дијалог со земјоделците, непосредно да ги запознаеме со начинот на функционирање и придобивките од новиот производ наменет за осигурување на земјоделските посеви од штети кои можат да ги предизвикаат разни временски непогоди, како што се сушата, прекумерните врнежи, градот и друго.
Судејќи по интересот од присутните на овие презентации, нашите очекувања се дека ќе расте бројот на земјоделци кои ќе ги осигураат своите посеви од последиците на климатските промени кои се повеќе ќе го погодуваат токму земјоделското производство, со што ќе го заштитат својот бизнис, а преку тоа и својот животен стандард“, изјави раководителка на претставништвото на Европа Ре,Надица Јовановска Бошковска.
На присутните земјоделци на трибината меѓудругото им беше објаснета и клучната, уникатна новина која се воведува со индексирано осигурување која се состои од тоа дека евентуалните загуби предизвикани од временски непогоди се мерат во однос на индексот, односно просечниот принос на ниво на општина, за секоја поединечна земјоделска култура. На ваков начин, осигурените земјоделци добиваат надоместок на штета доколку остварениот просечен принос на ниво на цела општина е помал од претходно договореното ниво на покритие на осигурениот принос.
Преку ваквиот пристап сите земјоделци на ниво на една општина се третираат подеднакво, а исплатите на отштетните побарувања ќе се вршат автоматски, наместо како досега со примена на теренска проценка на штети и загуби на поединечни парцели, со што дополнително се поедноставува целиот процес и значително се добива на брзина при исплатата на штетите.
Новото индексирано осигурување стартуваше со полиси за осигурување на приносите на есенската пченица и јачменот, а наскоро на земјоделците ќе им биде понудено и осигурување на пролетната пченка и винското грозје. Полисите се продаваат преку домашни друштвата за осигурување кои ќе бидат акредитирани од страна на Европа Ре.
Прво такво осигурително друштво за продажба на овие полиси е Албсиг Македонија, чии претставници беа исто така присутни на сите досегашни трибини, вклучувајќи ја и оваа во Кумановско. И за новиот осигурителен производ во земјоделството Владата на Република Македонија обезбедува субвенционирање до 60% од трошокот за осигурителните полиси.
Покрај во Кумановско, новиот осигурителен производ беше претставен и пред земјоделците во Пелагонискиот регион. Следната трибина ќе биде со одгледувачите на јачмен и пченица од Светиниколско. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

