Македонија
Граѓаните го избраа изгледот на новата плажа Охридско Езеро
Министерството за транспорт и врски во петокот инфомираше дека заврши анкетата за избор за идејно решение за плажа на Охридското Езеро во општина Дебарца, на која граѓаните можеа да гласаат за еден од пет предлози.
Повеќе од половината граѓани кои учествувале во електронското гласање, односно 56 отсто се изјасниле за идејното решение бр. 3.
Проектот се однесува на уредување на една плажа на дел од Охридското езеро која се наоѓа во непосредна близина на Аеродромот “ Св. Апостол Павле-Охрид” на територија на општина Дебарца.
Целта на проектот е да се овозможи користење на водената површина како и можност за рекреација на предметната локација со што ќе се овозможи континурано користење на истата преку текот на целата година. Плажата е предвидена да се изгради согласно највисоките туристички стандарди а особено внимание ќе се посвети да не се наруши еко-интегритетот на околината.
Концептот на заштитата на природната средина и зачувување на автентичноста на некои од обележјата, кои се јавуваат како специфични за тој регион, при изработка на архитектонско-идејното решение беше основно начело што се бараше на конкурсот.
Предвидено е на плажата да има планирана песочна површина која би се изнивелирала и попесочила со соодветен автохтон песок, да се почитува постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување клупи, фонтани за питка вода, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали.
Сервисниот пункт треба да има шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити. Треба да биде обележан просторот за капење во езерото заради заштита на капачите од пловни објекти и да се предвиди место за служба за спасување, а местото за седење на спасителот да се осмисли во духот на целата плажа. На плажата треба да се предвидат и места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава и престој.
Изработката на идејно архитектонско – урбанистичко решение за уредување на оваа плажа на Охридско Езеро претставува основа за натамошно уредување согласно современите туристички стандарди, како би можеле во текот на туристичката сезона да бидат подготвени сите предуслови за пречек на туристите, се вели во соопштението на министерството. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

