Македонија
Груевски и Чакрабати разговараа за тековните проекти од патната и железничката инфраструктура
Премиерот Никола Груевски во понеделникот во Виена оствари средба со претседателот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти, на која беше дискутирано за поголем број на тековни проекти, но и за можностите за соработка на идни проекти кои се од интерес за земјата и за регионот.
Акцент беше ставен на динамиката на реализацијата на тековните проекти од областa на патната и железничката инфраструктура, кои се во вредност од 305 милиони евра.
Премиерот Груевски истакна позитивна оценка за значајност на изградбата на патиштата и железничката мрежа кои се реализираат во соработка со ЕБОР.
„Средбата беше добра можност да се заблагодарам за неодамна одобреното финансирање за пет крупни проекти во Република Македонија во износ од 305 милиони евра. Едниот дел е за железницата и тоа за втората фаза од градбата на пругата кон Бугарија, а вториот дел е за градбата на четири патишта, од кои два се градби, реконструкции и проширувања на патот Штип – Кочани и патот Прилеп – Градско кои треба да започнат кон средината на 2015 година, а вторите два се градби на нови патишта и тоа патот Струга – Требениште и патот Охрид – Пештани кои треба да започнат до крајот на 2015 година или во 2016 година. Разговаравме и за следниот проект од соработката со ЕБРД, а тоа е гасификационата мрежа, односно мрежа на цевки помеѓу градовите во Македонија. За овој проект имаме подолг период на разговори, и веќе сме во очекување да видиме дали ќе ги издоговориме сите детали во наредниот период. Ние имаме контакти и со други можни поддржувачи на овој проект, така да наредниот месец до два ќе знаеме дали ќе го реализираме овој проект со ЕБОР или со некои други институции кои би биле спремни да го финансираат“, изјави премиерот Груевски по средбата.
Претседателот на ЕБОР Чакрабарти изрази задоволство од досегашната соработка и ја истакна подготвеноста за дополнителна поддршка на проекти кои се од интерес за Македонија.
„Соработката со Македонија е едно од најпозитивните партнерства на ЕБОР. Оваа година е рекордна според нивото на инвестиции на ЕБОР во Македонија кои се во вредност од 240 милиони евра, и тоа инвестиции во два големи проекти во областа на градба на патишта, и градба на железницата од коридорот 8 на кој што сум горд бидејќи се работи за значаен проект за меѓуграничната и регионалната соработка со кој што Македонија покажува лидерство. И за во иднина имаме многу добри проекти за соработка не само во инфраструктурата, туку и во областа на енергетиката, поточно во делот на гасификацијата“, изјави Чакрабарти по средбата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

