Македонија
Груевски и тимот ги презентираа можностите на Македонија пред најголемите саудиски корпорации
Во текот на посетата на македонскиот премиер Никола Груевски на Саудиска Арабија, во понеделникот на бизнис форумот кој се одржа во соработка со Индустриската комора на Ријад, која ги здружува најголемите корпорации од Саудиска Арабија, беа презентирани можностите за инвестирање во Република Македонија, извести владината служба за односи со јавноста.
Премиерот Груевски истакнал дека Владата е реформски ориентирана и особено пријателски насочена кон развој на бизнисот и инвестициските активности, континуирано спроведувајќи реформи за унапредување на бизнис климата.
„Светската банка ја следи бизнис климата во сите држави во светот, и еднаш годишно го објавуваат извештајот Дуинг бизнис со кој прават рангирање на државите според тоа колку е добра бизнис климата. Македонија е на 30-то место во светот според добрата бизнис клима. Подобро рангирана од 16 земји членки на Европска унија, подобро рангирана од сите држави во Источна Европа и подобро рангирана од земјите од нашиот регион на југоисточна Европа”, истакнал македонскиот премиер, се наведува во соопштението.
Груевски посебно истакнал оти во поглед на даноците, Македонија спаѓа во земјите кои имаат најниски трошоци за правење на бизнис. Премиерот ги информирал саудиските бизнисмени дека воведени се најниски даноци, рамен и низок данок, персоналниот данок и данокот на добивка е 10 отсто, а компаниите кои го реинвестираат профитот имаат данок од 0 проценти, а истовремено намален е данокот на додадена вредност (ДДВ) за повеќе сектори од 18 на 5 отсто.
Истовремено, премиерот Груевски посочил дека се вложува и во образовниот систем. „Англискиот јазик се учи од прво одделение, а втор светски јазик од 6-то одделение. Воведовме задолжително и бесплатно средно образование. Отворивме нови државни универзитети и дисперзирани студии во повеќе градови, школарината е 200 евра. Се преведоа учебници од кои се учи на првите десет универзитети во светот. Отворивме лаборатории за универзитетите кои ги користи и бизнисот. Секој ученик доби компјутер“, информирал Груевски.
Премиерот ги истакнал и поволностите кои се нудат во технолошките индустриски развојни зони. Тој посочи дека секој кој ќе инвестира во зоните во првите десет години не плаќа ниту данок на добивка, ниту персонален данок. За увезените суровини, машини и опрема не се плаќа ниту царина, ниту ДДВ. Земјиштето се дава на закуп по поволна цена. Зоните ја имаат целата потребна инфраструктура.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, пак, во своето излагање посочил дека за позитивното искуство од добрата бизнис клима може да посведочат големите компании кои веќе се присутни на македонскиот пазар и кои веќе работат и инвестираат.
„Во Македонија се присутни компании од Англија, Сад, Белгија, Германија, Русија. Тие се задоволни од третманот и од односот на владините институции, што се вклопува во целиот амбиент на добра бизнис клима на кој работи Владата“, посочил Ставрески.
Министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Висар Фида ги истакнал предностите коишто ги даваат на потенцијалните инвеститори договорите за слободна трговија кои Македонија ги има вклучено. Тој посочи дека Македонија има договор за слободна трговија со сите земји во Европа (без Русија), и на тој начин се надминува хендикепот на мал пазар, и сега постои можност за отворен пазар од 650 милиони потрошувачи.
Менсур Шафи ал-Ајми од Индустриската комора на Ријад изјавил дека кога се работи за бизнис климата и можностите за соработка како индустриска комора постои интерес за зајакнување на партнерството и бизнис врските помеѓу Саудиска Арабија и Република Македонија.
„Трговијата е најсилниот линк на поврзување на две држави кои сакаат да ги зајакнат односите. Постоењето на слободни економски зони, даночни поволности и останатите можности кои се нудат ќе придонесат за јакнење на трговијата и размената меѓу Кралството Саудиска Арабија и Република Македонија”, рекол ал- Ајми.
Владината делегација во текот на вторникот ќе одржи бизнис форум во градот Џеда. кој е втор по големина во Саудиска Арабија и најголем пристанишен град во регионот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

