Македонија
Груевски: Македонија има најниски трошоци во Европа за правење на бизнис
Премиерот Никола Груевски во понеделникот присуствуваше и се обрати на Виенскиот економски форум, еден од најреномираните и најеминентни политичко економски настани коишто се одржуваат на европскиот континент, а на овогодишниот настан покрај македонскиот премиер присуствуваат и претседателот на Австрија, Хајнц Фишер, австрискиот премиер Вернер Фајман, албанскиот премиер Еди Рама, црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, вицепремиерот на Бугарија Томислав Дончев, претседателот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти и бројни влијателни личности од други европски земји или мултилатерални организации.
Груевски во своето обраќање ја истакна значајноста на самиот форум посочувајќи дека ваквите настани помагаат во креирање на заеднички политики и проекти кои што ќе водат кон економско или политичко интегрирање на земјите од Југоисточна Европа во Европската унија. Македонскиот премиер се осврна и на чекорите кои што Македонија ги презема на полето на економијата и резултатите од нив.
„Земјата има добар економски прогрес, лани завршивме со трет најдобар раст на бруто домашниот производ (БДП) во Европа. Во првите шест месеци од 2014 година имаме втор најголем раст од 4,1 проценти на БДП-то. Фокусирани сме на макроекономската стабилност, државниот долг е ниско умерен и изнесува околу 40 отсто. Фокусирани сме и кон капиталните инвестиции во инфраструктурата. Во моментот градиме три автопата и пруга кон Бугарија и она што е значајно за инвеститорите, покрај ангажираната работна сила која Македонија ја поседува, е тоа што имаме најниски трошоци за правење на бизнис во Европа”, изјави Груевски.
Албанскиот премиер Еди Рама во своето излагање ги истакна залагањата коишто ги имаат сите земји од западниот Балкан за остварување на економските реформи.
„Практично во секоја земја има строга посветеност и големи напори за реформи, и како резултат на реформите и промените и како резултат на владиниот пристап кон подобрување на бизнис климата Албанија направи значителен скок во рок од една година на листата на Дуинг Бизнис од 40 места, а историските податоци покажуваат дека и Македонија постигнува значаен напредок на листата на Дуинг Бизнис”, истакна албанскиот премиер Еди Рама.
На отворањето на Виенскиот економски форум австрискиот претседател Хајнц Фишер ја истакна посветеноста на Република Австрија за овозможување на поддршка за економската и политичката интеграција на регионот на Југоисточна Европа во Европската Унија.
„Ние ја поддржуваме европската перспектива на сите земји од регионот на Југоисточна Европа, но не само политички туку поддржуваме и економски развој и проекти од инфраструктурата во регионот и тоа е исто така потребно за поголема интеграција и на политичко и на економско ниво”, изјави австрискиот претседател Фишер.
Обраќање на форумот имаше и црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ кој што истакна дека заложбите кои ги преземаат земјите од западен Балкан за овозможување на напредок треба да бидат поддржани од страна на Европската унија.
„Важно е Европската унија да креира една поширока инвестициска рамка од онаа којашто е постоечка и која што ќе помогне да се развие интегративната иднина на Западниот Балкан во Европската унија”, истакна црногорскиот премиер Ѓукановиќ.
Во текот на денот, Груевски ќе учествува на состанокот на Централно-европската иницијатива каде што Македонија ќе го преземе претседавањето со иницијативата за 2015 година од досегашниот претседавач Австрија./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

