Македонија
Груевски на бизнис форум во Турција ги претстави економските поволности на земјава
Премиерот Никола Груевски и владината делегација во понеделникот присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Коџаели, Турција, при што ги презентираа поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори за отворање бизнис и нови работни места во Македонија.
Премиерот Никола Груевски и владината делегација во понеделникот присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Коџаели, Турција, при што ги презентираа поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори за отворање бизнис и нови работни места во Македонија.
Бизнис форумот беше организиран во соработка со Индустриската зона во Коџаели, и на него присуствуваа менаџери од повеќе компании, претежно од областа на автомобилската индустрија, хемиската индустрија, како и претставници од металската и текстилна индустрија.
Премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните се задржа на реформите и достигнувањата коишто ги има државата, а се важни за остварување на економска соработка. Посочи и дека Македонија има стабилна макроекономска состојба и стабилен и низок процент на инфлација, што е особено значајно за странските инвеститори.
„Ние сме најмногу фокусирани на создавање добра бизнис клима и тоа е нашиот приоритет, која ќе ги охрабри домашните компании да направат нови инвестиции и ќе ги привлече странските компании да дојдат во Македонија и таму да ја направат својата нова инвестиција. Во 2006-та година кога дојдовме во Владата, Светската банка ја рангираше Македонија на 94-то место според условите за правење на бизнис, денес сме на 25-то место во светот”, истакна премиерот Груевски.
„Имаме раст на бруто домашниот производ, кој за овој период е највисок во Европа. Во првиот квартал е 3,9 проценти, а во вториот квартал 4,3 отсто. И покрај сериозните предизвици со кој се соочува европската економија, ние нашите сили ги насочуваме кон развој на економијата и унапредување на бизнисот и нудење поволни услови за инвестирање”, изјави Груевски.
Македонскиот премиер ги потенцираше и другите поволности за странските инвеститори, осврнувајќи се во прв ред на ниските даноци.
„Република Македонија е земја со најмали трошоци за правење бизнис. Воведовме најповолен пакет од рамни и ниски даноци и ги поедноставивме постапките за нивно пријавување и плаќање. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10 проценти, што е меѓу најниските во Европа”, изјави Груевски.
Тој потенцираше дека освен добрите економски параметри и инвестициските поволности се инвестира и во другите области кои се важни за секој инвеститор.
Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Бил Павлески се задржа подетално на карактеристиките на македонската економија, како и на успешната приказна на повеќе странски инвеститори, кои поради добрите резултати и услови за работа се одлучија да отпочнат со своите втори инвестиции во Република Македонија.
Павлески посочи дека кредитната агенција Фич во септември 2014 година го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Македонија (ББ+) како резултат на подобрените перспективи за економски раст.
Заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски се осврна на поволностите за инвестирање кои ги нудат технолошко- индустриските развојни зони, кои веќе ги користат повеќе големи компании.
На форумот свое обраќање имаше извршниот директор на Стопанската зона Коџаели, Ајхан Зејтиноглу.
„Нашата цел е да потенцираме сé што имаме како економски потенцијал, а верувам дека со постигнувањата на вашата држава Македонија ќе можете да ги искористите тие потенцијали кои ви се на располагање”, изјави Зејтиноглу.
Меѓу другото тој говореше за потенцијалите на областа Коџаели кои може да се искористат при што потенцираше дека се работи за област во која е сконцентрирана хемиската, основната металска и автомобилска индустрија.
„Со 27 проценти од хемиската индустрија на Турција се наоѓа во областа Коџаели, а исто така присутни на овој пазар се компании ’Форд’, ’Хонда’ и други. Тука се присутни 13 организирани индустриски зони,три технолошки парка и два слободни трговски зони. Затоа соработката која сакаме да се воспостави треба да го помогне растењето на економијата”, изјави Ајхан Зејтиноглу.
Извршниот директор на Турската компанија ОХИ Груп, Јуксел Ишбилир која минатата недела потврди дека ќе отвори фабрика за гуми во Битола која ќе вработи 400 работници истакна дека во Македонија постојат најдобри услови и околности да се започне со инвестиција.
„Затоа ние одлучивме да инвестираме и основавме компанија во Битола и планираме да започнеме со производство на лепенки за гума и други производи од гума најкасно во октомври”, изјави Ишбилир.
„Мојата порака до останатите странски инвеститори е многу едноставна и јасна, најпрво треба веднаш да ја посетат Македонија и да го стекнат првиот впечаток и ако тие веруваат дека има можности за бизнис и поволни услови за извоз треба да дејствуваат многу брзо”, додаде Ишбилир.
Тој посочи дека покрај првичните имаат и пошироки понатамошни планови за инвестирање во Македонија и проширување на бизнисот, но прво се фокусирани на првичната инвестиција која треба да се реализира./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

