Македонија
Груевски оствари средба со директорот на Светска банка за ЈИЕ
Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски во понеделникот во Скопје оствари средба со регионалниот директор на Светска банка за Југоисточна Европа, Елен Голдстејн.
Соговорниците на средбата се осврнаа на одбележувањето на 20 години од соработката и воспоставувањето на активен однос со Светската банка, при што од двете страни беше констатирано позитивното искуство и плодотворноста која се согледува во проектите кои се реализираат, соопшти владината прес служба.
Премиерот Груевски се заблагодари за досегашната поддршка и посочи дека во Светската банка гледаат добар партнер со кого во последните 8 години се работи на исполнување на крупни проекти од различни сфери кои се во функција на напредокот на економијата и унапредувањето на економските односи.
Груевски и Голдстејн се осврнале и на изработката на новата стратегија на Светска банка, како и можноста за реализација на повеќе проекти кои би биле дел од оваа стратегија, за кои Владата е заинтересирана и работи за нивно остварување.
Притоа Груевски истакнал дека македонската Влада е фокусирана кон реализација на значајни инфраструктурни проекти кои ќе го стимулираат развојот на економијата и ќе обезбедат дополнителен број на вработувања.
Во таа насока се и проектот за реализација на новите автопатишта, изградба на железничката пруга кон Бугарија, процесот на гасификација на Република Македонија и други. Соговорниците се осврнаа и на повеќе други проекти од сферата на енергетиката, земјоделието и инвестирањето во системите за наводнување и изградбата на регионални патишта, стои во соопштението.
На средбата се разговарало и за остварувањето на економскиот раст, како и напорите кои ги прави Владата за да го помогне истиот, и да се одржи на високо ниво со цел да биде во функција на економскиот напредок и подобрување на стандардот на граѓаните.
Голдстејн изрази задоволство од постигнатото во изминатиот период, како и тоа дека Македонија се покажа како активен партнер во реализацијата на повеќе проекти.
Соговорниците изразија надеж за продолжување на одличната соработка, и низ партнерски однос да се работи на реализацијата на проекти кои ќе бидат од интерес за граѓаните и стимулирање на економскиот развој, се наведува во владиното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

