Македонија
Груевски се сретна со претставници на ЕБОР
Македонскиот премиер, Никола Груевски во вторникот оствари средба со потпретседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фил Бенет, и со регионалниот директор на ЕБОР за Југоисточна Европа, Клаудио Виезиоли.
Соговорниците позитивно ја оценија досегашната соработка помеѓу двете страни и истакнаа заложба и посветеност за продолжување на реализацијата на заеднички проекти акцентирајќи ја областа на реализација на инфраструктурни проекти, се вели во соопштението на владината прес служба.
Премиерот Груевски информирал за економските политики кои ги спроведува Владата, особено потенцирајќи ги заложбите за отворање на нови работни места, привлекување на странски капитал и отворање на нови капацитети во нашата земја, како и реализацијата на капиталните инвестициски проекти.
Претставниците на ЕБОР дадоа позитивна оценка за обемот и квалитетот на реализација на капитални инвестиции кои ги реализира Владата, посочувајќи дека со тие инвестиции се овозможуваат услови за поефективно надминување на последиците од глобалните економски предизвици и се создаваат услови за економски раст и развој. Тие дадоа и позитивна оценка за деловната и инвестициска клима во нашата земја, оценувајќи ја за компетентна и меѓународно конкурентна, стои во соопштението.
Станало збор и за можноста за искористување на поволни финансиски инструменти кои во идниот период би биле пласирани од страна на ЕБОР, со приоритетна намена за нивно користење од страна на малите и средни претпријатија во Република Македонија. За подобро запознавање со целокупната материја беше посочено дека претставници на ЕБОР во текот на следната недела ќе извршат презентација на можностите и условите во врска со овие финансиски инструменти пред претставници на домашните македонски компании.
Соговорниците разговарале и за поголемо промовирање на можностите кои ги нуди воспоставувањето на моделот на јавно-приватно партнерство, особено во делот на инфраструктурата, како опција за ефикасна алокација на ресурсите и задоволување на потребите и на јавниот интерес. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

