Македонија
Груевски во Израел: Македонија со значаен прогрес во подобрувањето на бизнис климата
Премиерот Никола Груевски и владината делегација во чиј состав се и министерот за надворешни работи, Никола Попоски и министерот за привлекување на странски инвестиции, Џери Наумоф, во рамките на посетата на Израел во средата учествуваше и се обрати на бизнис форум во Ерусалим.
На форумот на кој учествуваа претставници на израелски компании од областа на земјоделието, енергетиката, туризмот и од областа на медицината, владината делегација ги презентираше условите за инвестирање и водење на бизнис во Македонија.
Груевски истакна дека Македонија направи значаен прогрес во поглед на креирањето на добра бизнис клима, соработката со инвеститорите и поддршката на развојот на економијата. Потенцираше дека се направени многу реформи кои Македонија ја рангираа високо во извештаите на релевантни финансиски институции како што е Светската банка, која во својот извештај Дуинг бизнис кој ги оценува добрата бизнис клима и условите за водење бизнис, ја позиционираше Република Македонија на дванаесетото место во светот, и шесттото место во Европа.
„Ние сме и втори во светот во однос на леснотијата за отпочнување на бизнис и регистрирање на фирма кое се врши за само четири часа и може да се направи од било кое место во светот. Исто така имаме напредок и во други полиња како што е заштитата на инвестициите“, изјави премиерот Груевски.
Тој посочи дека ова е резултат на системска работа во повеќе сектори и дека се поедноставени и многу процедури и постапки кои се значајни за бизнисот.
„За тоа многу помогна проектот кој се нарекува регулаторна гилотина, кој опфати кратење, поедноставување или укинување на илјадници бирократски процедури, и во кој соработувавме со стопанските комори и со над триста и педесет компании од различни сектори и големина, за во директна комуникација со нив да ги детектираме бирократските проблеми со кои се соочуваа и да пристапиме кон решавање. Повеќе од деведесет проценти од предлозите ги прифативме и овој проект е се уште активен затоа што сме во комуникација со бизнисмените со цел да креираме успешна бизнис клима“, истакна Груевски.
Премиерот посочи дека во Македонија се овозможени најниски трошоци за водење бизнис во Европа и во таа насока се воведени најниски даноци, рамен и низок данок, при што персоналниот данок и данок на добивка се десет проценти, а компаниите кои ја реинвестираат добивката имаат нула проценти данок.
Министерот Џери Наумоф се задржа на поволната положба на Република Македонија и можноста за пристап до 650 милионскиот европски пазар преку потпишаните договори за слободна трговија. Истакна дека Македонија има договори за слободна трговија со сите земји од континентот Европа, со исклучок на Русија, со што се надминува хендикепот на мал пазар и се има пристап до пазар од 650 милиони потрошувачи.
Од бизнис и економска гледна точка тоа е вистинска предност, затоа што компаниите кои веќе инвестирале гледаат на Македонија како на порта за влез на европскиот пазар, изјави министерот Наумоф.
Свое обраќање имаше и министерот за надворешни работи Никола Попоски кој се осврна на исклучително добрите политички односи на Македонија и Израел кои се гаранција за искористување на економскиот потенцијал. Тој ја истакна и декларација за пријателство помеѓу Македонија и Израел која ја потпишаа премиерите на двете држави и која е од стратешко значење за развојот на односите на двете земји. Попоски посочи дека тоа е добра основа и за развивање на билатералните економски релации кои што ќе придонесат за дополнително продлабочување на севкупните односи.
Шломо Гразиани, кој е сопственик на повеќе израелски компании од областа на прехранбената индустрија и трговијата, и е член на Израелската комора на индустријалци, даде позитивна оценка за условите за водење бизнис во Македонија, истакнувајќи дека овие услови можат да мотивираат многу израелски инвеститори.
„Промоцијата на инвестирањето во Македонија креира ентузијазам и многу израелски инвеститори со нетрпение очекуваат да соработуваат во повеќе области, почнувајќи во земјоделието, а сега и туризмот, при што од следната година ќе оперираме со чартер летови за Македонија. Постојат и компании кои се интересираат за инвестирање во технологија и човечки ресурси токму во вашата држава“, порача израелскиот бизнисмен./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

