Македонија
Информативна кампања за подигнување на свесноста за мирно решавање на работните спорови
Лиценцирани помирувачи и арбитри ќе помагаат за мирно решавање на работни спорови, а за таа цел се организира кампања во насока на информирање на јавноста, а особено работниците и работодавачите во земјата за придобивките од користењето на воспоставениот механизам за мирно решавање на работни спорови.
Неопходните информации за тоа како да се искористат придобивките од новиот систем ќе бидат пренесени преку ТВ и радио спотови, како и преку соодветен леток кој ќе биде поставен на интернет и во дневниот печат.
Заинтересираните можат да добијат подетални информации и директно во Министерството за труд и социјална политика, кое ги извршува сите стручно-административни работи поврзани со постапката на мирно решавање на работните спорови. Исто така, во рамки на ова министерство е воспоставен електронски систем за управување со случаите, кој вклучува и регистар на лиценцирани помирувачи и арбитри, со што треба да се овозможи прецизно, навремено и поедноставно управување со работните спорови, од нивното иницирање, до нивното разрешување.
„Благодарение на поддршката од Европската Унија и Меѓународната организација на трудот, воспоставен е систем со кој се создаваат реални предуслови за имплементација на законот кој треба да овозможи побрзо, поефикасно и финансиски поисплатливо вонсудско решавање на колективните и индивидуалните работни спорови. На ваков начин, нашата земја добива шанса да фати приклучок со останатите земји во Европа, а истовремено и да ја поправи оценката од најновиот извештај на Европската Комисија за остварениот напредок во примената на легислативата во оваа сфера“, изјави министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски.
Воспоставување на систем за мирно решавање на работни спорови е една од трите компоненти на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, чија цел е обезбедување техничка поддршка на институциите и учесниците во процесот на социјалниот дијалог. Проектот е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот, преку канцеларијата за Централна и Источна Европа.
„Како резултат на огромното залагање и одличната работа на сите партнери вклучени во реализацијата на проектот, земјата доби нов механизам кој треба да им овозможи на лиценцираните помирувачи и арбитри ефикасно да ја применуваат законски утврдената постапка за мирно решавање на работните спорови, од што полза ќе имаат пред сè работниците и работодавачите, но и земјата во целина“, изјави директорот на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози.
Мирното решавање на работните спорови, кои можат да произлезат од колективните договори, како и индивидуалните спорови поврзани со отпуштање од работа или неисплата на плата, е регулирано со посебен закон кој стапи на сила од почетокот на оваа година.
Основната цел на законот е да им овозможи на работниците и работодавачите, преку соодветна доброволна вонсудска постапка, со помош на помирувачи, односно арбитри, да изнајдат заемно прифатливо решение за можните спорови кои ќе ги задоволат нивните потреби и барања. Согласно законот, целокупните оправдани трошоци за спроведување на постапките за мирно решавање на работните спорови ги покрива Министерството за труд и социјална политика. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

