Македонија
Инвестициите во енергетиката основа за економски развој во земјата
Создавање услови за имплементирање на промените во енергетскиот сектор во насока на обезбедување на континуиран развој и инвестиции, беше главна тема на средбата помеѓу министерот за економија Дритон Кучи и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер.
На средбата Петер го информираше министерот за економија за досегашните инвестиции во реконструкција на постојната и изградба на нова дистрибутивна мрежа во насока на подобрување на квалитетот на дистрибуцијата и снабдувањето на потрошувачите, како и забрзување на процедурите за поврзување на енергетскиот систем за компаниите како предуслов за водење на бизнис во земјава. Во овој сегмент направен е голем напредок од стана на ЕВН Македонија, што е нотирано и во извештајот на Дуинг бизнис на Светската банка. Според министерот Кучи, енергетската политика е еден од клучните сегменти, бидејќи без развој на енергетиката нема ниту развој на реалниот сектор, па оттаму во фокусот на Министерството за економија е создавање на регулатива која ќе креира услови за развој на енергетскиот сектор, особено пред престојните силни структурни реформи во овој сектор, поради што соработката помеѓу Министерството за економија и компаниите е од особено значење. Петер на средбата посочи дека ЕВН, како важен дел од енергетскиот сектор, продолжува да инвестира во модернизација и подобрување на услугите во сегментот на дистрибуција и снабдување, што претставува еден од главните предусловите за имплементирање на реформите во енергетскиот сектор и поголемо приближување до стандардите на ЕУ. Покрај ова, на средбата стана збор и за досегашната соработка помеѓу ЕВН Македонија и Министерството за економија во рамките на проектот „Платформа за енергетска ефикасност“, во кој двете страни реализираа низа активности во насока на поголема афирмација и примена на енергетската ефикасност. Согласно препораките на Енергетската заедница Македонија треба да постигне енергетски заштеди од 9 отсто до 2018 година. Министерот за економија Кучи, во четврток оствари средба и со генералниот директор на АД МЕПСО Синиша Спасов, со цел претставување на состојбите на актуелните заеднички проекти и утврдување на динамиката за нивна реализација.Директорот на МЕПСО Спасов го запозна министерот Кучи со проектите кои што се реализирани, но ги презентираше и тековните активности на државниот електропреносен систем, како и проектите кои се планирани за идниот период, а се однесуваат на изградба на интерконективни далеководи, и тоа со Албанија, Косово и другите земји. Тема на разговор беа и активностите за реконструкција на постоечките и изградба на нови далеководи на територијата на Македонија. Кучи и Спасов ставија акцент и на подготовките на самитот во Париз, особено во делот на меките мерки во делот на електриката, прекуграничното балансирање и другите обврски коишто произлегуваат од членството на Македонија во Енергетската заедница./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.