Македонија
Истекува рокот за доставување на годишни сметки до Централен регистер
Централиот регистар на Република Македонија ги известува сите обврзници за доставување годишни сметки за 2015 година дека законскиот рок за доставување на истите е 29.2.2016 година, а за трговските друштва што поднесуваат во електронска форма и за трговците поединци и за самостојните вршители на дејност е 15.3.2016 година.
Во деновите 26.2.2016 (петок), 27.2.2016 (сабота) и 29.2.2016 (понеделник) приемот на годишни сметки за 2015 година во хартиена форма ќе се врши во сите регистрациони канцеларии на Централниот регистар во периодот од 08:00 до 20:00 часот.
Воедно, известуваме дека прием на годишни сметки за 2015 година ќе се врши и на 28.2.2016 (недела) во сите регистрациони канцеларии на Централниот регистар во периодот од 08:00 до 16:00 часот.
Дополнително, во деновите 26.2.2016 (петок) и 29.2.2016 (понеделник), Централниот регистар ќе организира прием на годишни сметки и во Кратово (простории на општината), во Крушево (поранешна канцеларија на Централен регистар) и во Демир Хисар (простории на општината), во периодот од 08:00 до 16:00 часот.
Согласно со Законот за трговските друштва, средните и големите субјекти се должни до Централниот регистар на Република Македонија да ги поднесат годишните сметки и финансиските извештаи исклучиво во електронска форма, а ревидираните и одобрени годишни сметки и финансиски извештаи за 2015 година да ги достават најдоцна до 30.6.2016 година. /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.

