Македонија
Иванов ги повика црногорските компании да ја посетат Македонија и да се уверат во поволните услови

Во рамки на официјалната посета на претседателот Ѓорге Иванов на Црна Гора, во средата во Подгорица беше организиран македонско-црногорски бизнис-форум на кој пред претставници на 45 компании од двете земји беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија, поволниот амбиент и регулатива за отворање бизниси.
Претседателите на Црна Гора и Македонија, Филип Вујановиќ и Ѓорге Иванов на отворањето на форумот истакнаа дека во сите области е постигнат максимум во соработката меѓу двете држави, но економската, каде што има голем потенцијал, е условена од отежнатата патна инфраструктура.
Комуникацијата на бизнис-заедниците ќе биде подобрена преку поврзување на Јадранско-јонската магистрала со коридорите 8 и 10, за која претседателот Иванов рече дека треба час поскоро да биде завршена. Побрзо решение на овој проблем се очекува со отворањето директни авиолинии Скопје – Подгорица и Скопје – Тиват кои во туристичка сезона би биле почести и во двата правца, а вон сезона да има летови неколку пати неделно. Тоа ќе се постигне и преку субвенционирање на нискобуџетни авиокомпании.
„Овој форум е можност да се запознаете и ја да развиете соработката во оваа насока. На нас, политичарите, е да ги отстрануваме бариерите и да ви создаваме услови за соработката.Но, на вас, стопанствениците, е да ги препознаете можностите и да ги искористите. Ако Македонија и Црна Гора можат да имаат заеднички амбасади, тогаш зошто македонските и црногорските компании да немаат заеднички настапи на трети пазари? Заедно можеме да бидеме и поконкурентни и попривлечни на европскиот и глобалниот пазар“, рече Иванов и ги покани црногорските бизнисмени да ја посетат Македонија, да се запознаат со постојните капацитети и со позитивното искуство на компаниите кои веќе работат во Македонија.
Можностите за инвестирање во Македонија на црногорските компании им ги презентираше и министерот за странски инвестиции Бил Павлевски.
На форумот учествуваше и претприемачот Илија Вучков, како претставник на претприемаштвото во Македонија, што е во согласност со програмата на претседателот Иванов – во делегацијата на РМ за презентација на бизнис-можностите да учествуваат и млади претприемачи, претставници на мали и средни бизниси, кои нудат иновативни услуги и производи./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.
Економија
Владата: Исплатени се субвенции на 70.000 земјоделци во вредност од повеќе од 9 милијарди денари

Исплатени над девет милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци.
Владата соопшти дека се врши редовна исплата на субвенциите и со тоа им се дава директна поддршка на земјоделците да продолжат со своето производство.
„За една година, Владата и МЗШВ успеа да ги исплатат заостанатите субвенции на земјоделците за сите категории од 2021, 2022, 2023 година, а се исплаќаат и тековните субвенции. Покрај ова, како Влада успеавме да ги подобриме земјоделските политики и наместо земјоделските производи да се фрлаат, истите сега се откупуваат по пристојни цени од страна на откупувачите. Промените се очигледни. Тие се случуваат. Времето на промените е тука, работиме и ја вреднуваме маката на земјоделците“, велат од владината прес-служба.
Се додава дека оваа Влада е земјоделска и земјоделците после седум години конечно имаат партнер.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.