Македонија
Иванов ги повика египетските бизнисмени да ја посетат Македонија
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на бизнис-форумот кој во понеделник попладне се одржа во Каиро ги повика египетските стопанственици да ја посетат Македонија.
Во поканата Иванов им предлага да ги разгледаат постојните капацитети, да се запознаат со позитивното искуство на веќе присутните компании и сами да се уверат дека Македонија нуди големи можности за ширење на нивниот бизнис. „Во Египет има само осум македонски компании кои имаат инвестиции во висина од 700.000 американски долари. Во една од технолошко-индустриските развојни зони во Македонија веќе се гради фабриката на египетската компанија „Беверли Хилс Холдинг“ од Шурук. Но, тоа е далеку од можностите што постојат. Трговската размена меѓу двете земји е на исклучително ниско ниво. Денес сум тука со вас за да ве охрабрам да го следите примерот и да инвестирате во Македонија“, порача претседателот Иванов на бизнис-форумот на кој присуствуваа околу сто претставници од египетската бизнис-заедница и неколку министри од Владата на Египет каде што Иванов е во официјална посета. Тој посочи дека Македонија и Египет имаат неисцрпни можности во индустријата, посебно во туризмот – историскиот, археолошкиот и културниот туризам, па заради тоа, според Иванов, неопходно е отворање директна авионска линија Скопје – Каиро. „Минаа цели 17 години откако Македонија и Египет потпишаа два важни договора, кои се уште не се ратификувани од египетска страна: Договорот за одбегнување на двојно оданочување и за заштита на фискална евазија по однос на данокот од доход и данокот на капитал, и Договорот за поттикнување и заемна заштита на инвестициите. Овие важни договори, за жал, останаа само на хартија бидејќи сè уште не се ратификувани од египетскиот парламент. Се надевам дека правната рамка наскоро ќе биде утврдена“, рече Иванов. Македонскиот претседател ги запозна со условите за инвестирање во Македонија и за поволната бизнис-клима овозможена со сеопфатните реформи, како рамните даноци, кои се меѓу најниските во Европа, отворените технолошко-индустриските развојни зони, отстранувањето на правните и административни бариери за компаниите. Рече и дека постојано се инвестира во инфраструктурата и се градат автопатишта, благодарение на договорите за слободна трговија со ЕУ, ЕФТА и ЦЕФТА, како и билатералните договори со Турција и Украина, инвеститорите преку Македонија, рече Иванов, имаат непречен пристап до пазар од 660 милиони потрошувачи. Презентација за бизнис-можностите во Македонија ги претстави министерот за странски инвестиции Бил Павлески кој е задоволен од посетеноста на форумот од претставници на египетски компании. „Има голема заинтересираност во производствениот сектор, бенефициите кои ги нуди Македонија во однос на производството беа многу интересни за компаниите, посебно како влез на европскиот пазар. Тоа беше случај со една компанија од Египет која почна со производство. Имаме најава уште од две други компании кои треба да дојдат во април и во мај во Македонија. Беа разгледани многу други сектори, како земјоделство, ИКТ-технологијата, туризмот е интересен, исто така. Постои голема заинтересираност од египетските компании да инвестираат во Македонија. Треба да се зголеми трговската размена меѓу Македонија и Египет која е многу ниска, од околу 6 милиони евра годишно“, изјави министерот Павлевски.Додаде дека е добро и за македонските компании да инвестираат во Египет зашто тоа ќе им ги отвори можностите за извоз на нивните производи. Засега од Македонија во Египет се присутни компании од фармацевтскиот сектор и малку од земјоделскиот. Инаку, Павлески вчера потпиша Протокол за соработка во земјоделството со Министерството на Египет. Целта на документот е што повеќе од македонските производи да имаат пристап не само на египетскиот пазар, туку и во Африка, како и соработка во размена на знаења меѓу министерствата за земјоделство на двете земји. Ала Ез, претседател на Федерацијата на стопански комори на Египет (Federation of Egyptian Chambers of Commerce-FEDECOC) која има четири милиони членки, е запознат со реформите во однос на привлекувањето на инвестициите.„Она што се случува во Македонија е успешна приказна за која ние во Египет веруваме дека е нешто што треба да почнеме да го увезуваме. Македонија е една од глобалните топ-реформатори и треба да бидете горди. Ние сме горди како пријатели и соработници на Македонија“, изјави Ала Ез. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

