Македонија
Кампања ЕКОС: Десет деловни субјекти ја оптимизираа потрошувачката на енергија
Десет деловни субјекти ја оптимизираа потрошувачката на енергија благодарејќи на кампањата ЕКОС на Секторот за енергетика при Министерството за економија на Република Македонија, спроведувана од здружението МАЦЕФ – Центар за енергетска ефикасност на Македонија.
Кампањата има за цел практично да укаже на големиот потенцијал за штедење на енергија кај малите и средни претпријатија и да ги информира останатите учесници во индустријата за придобивките од нивната примена.
„Со оваа Кампања, Министерството за економија им помогна на десет деловни субјекти да ја оптимизираат потрошувачката на енергија, да загадуваат помалку и да ги намалат трошоците за производство при што ќе се создадат услови за нивна поголема конкурентност на пазарот. Од друга страна, придонесуваме кон националните цели за годишна заштеда на енергија преку спроведување на мерки за енергетска ефикасност во индустријата до 2018 година кои учествуваат со 14 % во вкупната потрошувачка на енергија во државата“, изјавија од секторот за енергетика при министерството.
„Енергетските контроли беа приготвени за кус период на сметка на добрата соработка со претпријатијата. Пријавените компании Свисслион Агроплод (Ресен), ПИ Свисслион (Скопје), Дрога Колинска (Скопје), Раде Кончар – Контактори и релеи доо (Скопје), ДЕ Јуре (Скопје), Фротирка Компани АД (Делчево), ДХУ Арка (Скопје), ЈПКД Огражден (Босилово), Електро Шарри (Желино) и Унипалас (Кавадарци) во овој момент имаат на располагање Акциски планови за унапредување на потрошувачката на енергија во нивните капацитети.
„Искрено се надеваме дека овој пример ќе го следат и другите фирми од индустријата бидејќи резултати т.е. заштедите се гарантирани“, рече Јасминка Димитрова Капац, сертифициран енергетски контролор од МАЦЕФ и раководител на кампањата ЕКОС. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

