Македонија
Кинески тур оператори ги скенираат туристичките потенцијали на Македонија
Агенцијата за промоција и поддршка на туризам на Република Македонија во координација со економскиот промотор на РМ во Гуангдонг, НР Кина, организираа петдневна инфо тура за тур оператори и новинари од Народна Република Кина.
Делегацијата на Народна Република Кина ја сочинуваа претставници на едни од најголемите тур оператори, меѓу кои Guamg Zhi Lu, убедливо најголемиот тур оператор во 100 милионската провинција Гуангдонг и кои годишно испраќаат над 50.000 туристи во Европа; Nan Hu Guo Lu Travel Service, помала но амбициозна агенција која има свои канцеларии во Германија и испраќа илјадници туристи во Европа на годишно ниво; Zhong Qing Lu CYTS Co.Ltd, втор најголем тур оператор што функционира на ниво на цела Кина, со 1.5 милиони туристи на годишно ниво, и голем инвеститор во oбласта на туризмот; Shanghai Spring International Travel Services, добитници на награда за број еден домашна туристичка агенција, а воедно тие се и првите што имаат сопствена авио компанија;Учество во инфо турата имаа и China Internet Information Centre, државната новинска агенција, еден од најголемите веб сајтови каде публикациите освен на кинески, се издвојуваат уште 10 дополнителни јазици, со 24 часовно постирање на информации покривајќи над 200 земји и региони во светот. Како и China Travel Magazine, еден од магазините наменети за патувања и промоција на нови дестинации, еден од најтиражните во Кина.За време на престојот остварија 50 средби со приватниот туристички сектор од Македонија, каде се разгледуваа можностите за соработка. Туристичката понуда на Скопје, Охрид, Маврово и нивното историско и културно наследство беа највпечатливи за тур операторите. Сметаат дека Македонија има огромен потенцијал на кинескиот пазар, и тоа најмногу со: езера, култура, цркви, вински и гастро туризам.Исто така, седум члената делегацијата од Народна Република Кина се сретна со амбасадорот на НР Кина во Македонија, Wen Zhenshun, со кого ги споделија импресиите од посетата на Македонија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.
Економија
Зголемени цените во индустријата во ноември
Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во ноември 2025 година се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, соопшти Државниот завод за статистика.
Месечниот раст на цените е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, каде што има зголемување од 0,5 отсто, како и кај трајните производи за широка потрошувачка, кои пораснале за 3,0 отсто.
На годишно ниво, односно во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се зголемени за 4,6 отсто. Во овој период, раст на цените е регистриран кај енергијата за 6,9 отсто, кај интермедијарните производи, освен енергија за 4,2 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, каде што е забележано зголемување од 4,4 отсто.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels

