Македонија
Кучи: Политичката криза да се надмине за да не трпи економијата
Економските перформанси на една земја не можат да се посматраат независно од политичката конотација, од моменталниот амбиент кој создава лоши перцепции и во рамки на државата, но уште повеќе надвор од неа, рече министерот за економија Дритон Кучи кој во вторник учествуваше на дебатата на тема: „Политичката криза и нејзиното влијание врз економската ситуација во Македонија“, која се одржа на Економскиот факултет на Државниот универзитет во Тетово.
„Ако се земе предвид времетраењето на политичката криза во која се наоѓа Република Македонија и на тоа се додаде влијанието на остатоците од глобалната светска криза, но и мигрантската криза со која се соочува Европа, перформансите на домашната економија ќе претрпат удар. Неизвесноста кај деловните субјекти, и домашни и странски, влијае врз донесувањето одлуки за инвестиции, посебно капитални, врз бројот на нови вработувања и севкупната потрошувачка“, рече Кучи.Според него неопходна е континуирана реализација на државните економски политики во насока на поттикнување на економските активности, мерки за вработување, субвенции во земјоделството, поттикнување на градежните активности, туризмот и рударството, а благодарение на нив годинава државата бележи раст на вкупната трговија со светот од 4.5% во однос на истиот период минатата година, при што извозот е пораснат за 5,7 отсто, а увозот за 3,7 отсто.„Растот на македонскиот извоз овој период е најистакнат во ЕУ од 12,2 отсто, а увозот од ЕУ во Република Македонија е пораснат за 5,5 отсто . Втор наш партнер се ЦЕФТА земјите, каде што македонскиот извоз е пораснат за 4,3 отсто. А познато е дека ставката на извоз има силно влијание на растот на БДП. Токму на овие параметри се базира иницијалната проекција на раст на бизнис секторот од околу 3,5 отсто, образложена со континуитетот на економски раст на Република Македонија и континуираните капитални инвестиции, кои претставуваат двигател на економијата“, појасни Кучи.Ситуацијата е малку поразлична кај странските инвеститори, истакна министерот Кучи, бидејќи не е исклучено дел од нив да ги одложат плановите за инвестирање во Македонија, да го пролонгираат доаѓањето, да инвестираат во земји со слични макроекономски услови, но повисока стабилност. „Оттука, брзото решавање на политичката криза, не само што ќе привлече нови инвестиции, туку ќе ги забрза и постојните да ги прошират своите деловни активности. Кризата треба да послужи како лекција за сите, а движечка сила на економијата треба да биде бизнис секторот. Тој мора да е вистински партнер со државата и да остане континуирано вклучен во креирањето на политиките и мерките за економски развој. Во меѓувреме, за Македонија битно е да продолжи да ги следи стандардите што се преговараат со Европската комисија, во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија и да ги минимизира директните негативни последици врз тие стандарди, со цел да продолжиме да ги следиме европските критериуми“, рече Кучи./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.
Економија
Зголемени цените во индустријата во ноември
Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во ноември 2025 година се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, соопшти Државниот завод за статистика.
Месечниот раст на цените е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, каде што има зголемување од 0,5 отсто, како и кај трајните производи за широка потрошувачка, кои пораснале за 3,0 отсто.
На годишно ниво, односно во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се зголемени за 4,6 отсто. Во овој период, раст на цените е регистриран кај енергијата за 6,9 отсто, кај интермедијарните производи, освен енергија за 4,2 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, каде што е забележано зголемување од 4,4 отсто.

