Македонија
Купувајте кристализиран мед – елементарна непогода во пчеларството годинава
Годинава пчеларите се соочија со намален принос со што им се направија загуби во производството на мед, па затоа од Пчеларската федерација побараа државата да ги зголеми субвенциите и секако, да помогне да се направи брендиран македонски мед.
Најважно, според федерацијата, е да има услови за производство на квалитетен македонски мед што ќе може и да се извезува, но и да се заштитат крајните потрошувачи на кои им се нуди и мед од увоз и често не знаат да го утврдат потеклото.„Скоро добивме информација дека во штипскиот регион се увезени речиси 40 тони мед, кои ја намалиле цената на 190 денари. Кај нас во големопродажба цената е над 250 денари за килограми, а бидејќи ова е слаба година, останавме на заштитена цена од 350 денари“, рече во среда на пресконференција Јане Марков, претседател на Пчеларската федерација на Македонија.Според него, со помош на државата треба да се направи брендиран македонски мед.Во Македонија постојат над 8.000 пчелари со повеќе од 260.000 пчелни семејства. Годинава, според сознанијата на Пчеларската федерација, просекот на добиен мед е многу слаб со само 1,8 килограми презимено пчелно семејство и 7,3 килограми од селидбено пчеларење.„Пчеларската федерација на Македонија прогласува елементарна непогода во пчеларството за 2016 година и ќе бара помош од државата за спас за презимување на пчелите и пчеларството“, рече Марков.Според него, државата треба да го зголеми субвенционирањето од 600 на 1.000 денари, надоместот што го дава за пчелно семејство, вклучено за производство на пчелни матици, да обезбеди садници за пошумување со медоносни растенија.За самостоен бизнис во пчеларството, со приходи за едно домаќинство се потребни најмалку 200 пчелни семејства, но да биде ориентиран и со другите пчелни производи.Според Сашо Ѓуровски, претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за повисоки приноси треба да се практикува селидбено пчеларење и да се користи селектирана матрица. „Лани просекот на едно пчелно семејство е под 10 килограми мед. Тоа покажува дека климатските промени си го прават своето. Но, климатските промени влијаат и низ цела Европа. Ако ја споредиме со која било земја Македонија убедливо води со најнизок принос по пчелно семејство, но за висок принос е потребно и селидбено пчеларење и да се користи селектирана матица“, рече Ѓуровски.Најсигурно за потрошувачите, укажуваат од федерацијата, е да купуваат мед само од познат пчелар во кој имаат доверба. Медот што го купуваат треба да биде компактен и проѕирен, со иста структура во теглата. При отворање на теглата треба да има специфичен мирис на мед. „Ако не знае некој од кој да купи мед треба да побара тој да биде кристализиран. Тоа му е една поголема сигурност“, истакна Венче Билбиловски, претседател на Организацискиот одбор на 12. манифестација „Денови на македонскиот мед“, што ќе се одржува од четврток до 25 овој месец на ул. „Македонија“ во Општина Центар.На манифестацијата ќе се презентираат и дегустрираат мед и медни производи. Тоа е можност за директни контакти со пчеларите и добивање совети како да се препознае квалитетен мед. Традиционално, предвидена е дегустација за амбасадорите во државава и избор на највкусен мед, како и учество на основци од училиштата во општина Центар.Според статистичките податоци, во Македонија на годишно ниво се троши само 700 грама мед по глава на жител, во Германија потрошувачката е 9, а во Јапонија 16 килограми./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

