Македонија
Листеријата е причина за угинување на 175 животни во кумановско
Причина за угинувањето на 175 животни во одгледувалиштето за овци во кумановското село Сопот е болеста Листериоза која ја предизвикува бактеријата листерија, соопшти во петокот Агенцијата за храна и ветеринарство.
Резултатите од лабораториски анализи покажале дека болеста била детектирана и во ткивата на угинатите животни и во мострите добиточна храна.
Со ова се потврди сомнежот поставен од страна на надлежното ветеринарно друштво од Куманово и претставниците од АХБ дека причинител за угинувањето е оваа болест.
Бактеријата по природа често е застапена во почвата, иако ретко, може да предизвика заболување чии последици можат да бидат големи како што се случи кај одгледувачот од ова село. Животните болеста ја добија со јадење на контаминирана силажа која во најголем број на случаи се јавува како извор на зараза особено во зимските и раните пролетни месеци. Периодот на инкубација кај оваа болест изнесува 2-3 недели и за жал, одгледувачот без да биде свесен за проблемот, продолжил да ги храни животните со контамираната силажа се до појавувањето на симптомите.
При последната посета на одгледувалиштето од страна на претставници од Агенцијата, направена во текот на завчерашниот ден, утврдено е дека болеста се смирува, односно констатирано е дека нема новозаболени животни и дека се подобрува здравствената состојба кај заболените, се вели во соопштението.
Бидејќи заради спречување на ширење на зараза поради постоење на сомнеж на болест, за одгледувалиштето беа изречени мерки за забрана за движење на стадото и чистење и дезинфекција на шталата, како и обврска на одгледувачот за редовно пријавување на угинатите животни до надлежното ветеринарно друштво, со добивањето на наодот на одгледувачот му е доделено ново решение за забрана за движење, со кое се налажуваат и мерки на заштита на животните како и на лицата кои се во контакт со истите. Мерките ќе останат на сила се додека не измине периодот за инкубација на болеста од последниот случај на појава на клиничка слика, односно од угинување на животно.
Истакнуваме дека одгледувачот кај кој се појави Листериоза, применува соодветни зоотехнички и био-сигурносни мерки и дека ревносно ја спроведува Годишната програма за здравствена заштита на животните, со што претставува пример за останатите одгледувачи на овци и кози, стои во соопштението./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

