Македонија
Македонија – Бугарија: Успешно имплементиран проектот за искористување обновливи извори на енергија ‘Кон иднината’

Со завршна конференција во Струмица, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион успешно го имплементираше проектот „Кон иднината“ – Студија за потенцијалот и искористување на обновливите извори енергија во прекуграничниот регион, финансиран преку Третиот повик за проектни предлози од ИПА Програмата за прекугранична соработка Бугарија – Македонија. Партнер на Центарот од Бугарска страна е Асоцијацијата на Југозападни општини, Благоевград.
Проектот „Кон иднината“ беше реализиран во текот на изминатите 18 месеци и Општата цел на проектот е да се подобри квалитетот на живот на жителите во прекуграничниот регион преку зголемување на енергетската ефикасност и искористување на еко ресурсите. Додека специфични цели на проектот беа: зголемување на свесноста за обновливите извори енергија преку имплементација на кампања на двете страни од границата; запознавање на вработните од локалите самоуправи, приватните и јавни претпријатија од прекуграничниот регион со можностите кои ги нудат изворите на обновлива енергија и начините за нивно искористување; одредување на капацитетите за обновливи извори на енергија преку подготовка и објавување Студија, како можности за искористување на обновливите извори на енергија преку објавената Студија, преку планираните тркалезни маси и работилници.
Активности кои беа предвидени и се реализираа во рамките на проектот се: Истражување на терен, секундарно истражување и сумирање на податоците за обновливите извори на енергија во прекуграничниот регион; Објавување на „Студија за потенцијалот и искористување на обновливи извори на енергија во прекуграничниот регион“; Имплементирање на работилници и тркалезни маси во двата региони со цел да се разгледаат и анализираат најчестите бариери во однос на обновливите извори на енергија и да се презентира Студијата; Имплементирање на кампања за зголемување на свесноста, знаењето и позитивниот став кон искористување на алтернативните обновливи извори на енергија; Информирање и публицитет вклучувајќи прес конференции, објави во весник, објави на радио, промотивни материјали, промотивно видео и др.
Проектот „Кон Иднината“ – Студија за потенцијалот и искористување на обновливи извори на енергија во прекуграничниот регион е проект кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион како проектен лидер заедно со Асоцијацијата на Југозападни општини како проектен партнер го имплементираат во рамките на ЕУ ИПА Прекуграничната програма помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, а е финансиран од Европската унија со вкупен буџет од 147.403 евра./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.