Македонија
Македонија и Косово ќе ја подобруваат трговската размена
Министерот за економија Дритон Кучи во вторник во просториите на министерството, оствари билатерална средба со косовската министерка за трговија и индустрија Хикмете Бајрами.
На состанокот се разговараше за тековната соработка во трговската и економската сфера и изнаоѓање на заедничко решение за продлабочување на истата.„Постоечките билатерални односи помеѓу Реублика Македонија и Република Косово се добра основа за натамошно надградување и унапредување на соработката, имајќи го во предвид фактот што Косово е важен економски и трговски партнер на Република Македонија и земја со која Република Македонија има голема трговска размена“, истакна министерот Кучи, притоа додавајќи дека според статистичките податоци за 2015 година, Македонија ја посетиле 1 милион 329 илјади граѓани на Косово, додека 738 илјади граѓани од Македонија го посетиле Косово, односно над 2 милиона граѓани од двете земји. Во текот на минатата година од Косово во Македонија влегле 69.573 камиони, а од Македонија во Косово 71.253 камиони со разни стоки, или вкупно 140.826 камиони, во двете земји. Министерот информира дека соработката меѓу двете земји се реализира врз основа на 28 потпишани договори, а со примената на ЦЕФТА договорот, односно од 01.01.2008 година, вкупната трговска размена меѓу Република Македонија и Република Косово се реализира на слободен, бесцарински систем, благодарение на 100 процентната либерализација на трговијата. Двајцата министри се согласија за актуелизирање на прашањето за испитување на можноста за царинење на продукти на граничниот премин Јажинце, што би значело големо олеснување за бизнисите во двете земји.На билатералната средба министрите договорија во интерес на економскиот развој на двете земји, наскоро да се организира заедничка средба и со претставници на бизнис заедницата од Македонија и Косово, што ќе придонесе и за нови деловни проекти.Косовската министерка за трговија и индустрија рече дека меѓу Косово и Македонија има одлична трговска соработка, но додаде дека сѐ уште има простор за нејзино понатамошно подобрување.„Не треба да бидеме конкуренти, туку партнери со заедничка стратегија за настап на трети пазари. Нашите две земји не треба да се конкуренти, напротив треба да бидат комплементарни и да имаме слични стратегии за привлекување странски инвестиции. Треба да се отстранат и сите бариери меѓу бизнис заедниците“, нагласи Бајрами.Таа посочи дека треба да има и подобра соработка меѓу двете земји во областа на туризмот.„Туризмот има огромен потенцијал за соработка. Неопходно е да се направи заедничка понуда за странските туристи кои се заинтересирани да ги посетат двете земји“, рече Бајрами.Министерот Кучи се заблагодари за помошта што ја праќаат коосовските институции и компании за поплавените во Скопскиот регион, а министерката Бајрами порача дека луѓето тоа го прават на доброволна основа бидејќи, како што рече, чувствуваат обврска уште од 1999 година кога голем број косовски граѓани беа прифатени во Македонија за време на бегалската криза предизвикана од војната во Косово. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ повисока цената на бензинот и дизелот
Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,29% во однос на одлуката од 3.11.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,613%, кај дизелот за 2,881%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,251% и кај мазутот има исто така намалување за 2,898%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7827%
Од 11.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,427 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,486 ден/кг и сега ќе изнесува 36,427 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од Регулаторна.
Економија
Истече рокот за поднесување и плаќање на ДДВ обврските за третиот квартал
Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека заклучно со 27 октомври 2025 година, кога истече законскиот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите и плаќање на даночниот долг за третиот квартал од 2025 година, сè уште постојат даночни обврзници кои не ги исполниле своите законски обврски.
Според евиденцијата на УЈП, остануваат неподнесени 2.209 тримесечни и 146 месечни пријави, како и 7.436 тримесечни и 1.270 месечни даночни обврзници кои не го извршиле плаќањето на пријавениот даночен долг. Редовноста во исполнувањето на обврските е знак на одговорност и доверба, вредности што заеднички го градат системот во кој сите учествуваме и веруваме.
Управата за јавни приходи веќе достави персонализирани известувања до сите обврзници со пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.
Во тек е спроведување на активности и мерки во координација со сметководителите и обврзниците, со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. Важно е да се внимава на роковите, бидејќи за секој ден на задоцнување се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг, како и изрекување на дополнителни глоби. Оттука, потсетуваме на обврската за точно, целосно и навремено плаќање на поднесените ДДВ-04 пријави. По доставата на опомените, Управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно. УЈП апелира до сите засегнати обврзници да постапат одговорно и навремено, со цел да се обезбеди стабилна даночна историја и да се избегнат непотребни последици. За дополнителна помош и поддршка, даночните обврзници и сметководителите можат да се обратат преку е-пошта на [email protected] или телефонски на 0800 33 000 (од фиксен) и 02 3253 200 (од мобилен). Вашата дисциплина денес е вашата предност утре.
Економија
„Алкалоид“ 22 години дел од водечкиот глобален фармацевтски настан CPhI
35 претставници од различни организациски сектори на компанијата го сочинуваат алкалоидовиот тим на овогодишното 36. издание на CPhl, кој за време на три интензивни саемски денови во својата агенда има повеќе од 400 деловни средби со постојни партнери, добавувачи и со нови потенцијални соработници „Алкалоид“ годинава го забележа своето 22. учество на најреномираниот светски собир во областа на фармацијата – CPhI (Convention of Pharmaceutical Ingredients).
Под мотото „Во срцето на фармацевтската индустрија“, CPhI се одржува од 28 до 30 октомври во Франкфурт, Германија, а тимот на „Алкалоид“ и оваа година има репрезентативно и современо саемско претставување, преку кое недвосмислено ја пренесува компаниската парола Здравјето пред сѐ!
„За ’Алкалоид’ CPhI претставува стратешка глобална платформа за следење на најновите научни и технолошки достигнувања во фармацевтската индустрија. Како компанија, уште во раните 2000-ти години ги препознавме можностите што ги нуди овој глобален собир како во делот на вмрежувањето и градењето партнерства така и во поглед на следењето на клучните трансформации и иновации во рамките на генеричката фармацевтска индустрија. За ’Алкалоид’ CPhI овозможува директен увид во најновите трендови и технологии – од вештачката интелигенција и одржливите производствени практики до нови молекули, формулации и решенија за оптимизација на глобалниот синџир на снабдување.
CPhI е единствена можност за средби со постојни и потенцијални партнери – производители, добавувачи, регулаторни консултанти и истражувачки центри – со што се поттикнува создавањето нови синергии и партнерства“, истакна Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Како водечка светска платформа што ги поврзува фармацевтските професионалци, годинава CPhI во Франкфурт собра повеќе од 62.000 посетители и над 2.400 изложувачи од целиот свет. Во текот на своето три и пол децениско постоење, CPhI прерасна во најголемата меѓународна фармацевтска заедница, која обединува стотина илјади експерти и компании што активно придонесуваат кон развојот и напредокот на глобалниот синџир на динамичната фармацевтска индустрија.
(ПР)

