Македонија
Македонија очекува укинување на бариерите за извоз на лекови во Албанија и вино во Србија
По дводневните панел дискусии во рамки на ЦЕФТА Неделата 2014, на кои се разговараше на теми за зголемување на инвестициите во ЦЕФТА регионот, за регионалните синџири на вредност, за глобалните и регионалните аспекти на олеснувањето на трговијата во ЦЕФТА, а се одржа и форумот на стопанските комори од ЦЕФТА регионот, министерот за економија Беким Незири денеска претседаваше со 8. Мешовит комитет.
На овој Мешовит комитет, министрите и овластените претставници на ЦЕФТА Страните, ја истакнаа важноста за превземање напори посветени на продлабочување на примената на ЦЕФТА Договорот, како солиден правен основ за либерализација на трговијата со стоки и услуги, олеснување на трговијата и поедноставување на процедурите, елиминирање на нетарифните бариери во трговијата, зголемување на транспарентноста и зајакнување на регионалната соработка во политиките за инвестиции и промоција.
„Го поздравивме напредокот направен во преговорите за либерализација на трговијата со услуги, неопходен за постигнување на целите за економски развој и раст во регионот со проширување на интрарегионалните инвестиции и можности за производство. Процесот на преговори треба да резултира со склучување на регионален Протокол за трговија со услуги, со кој отворањето на пазарот со услуги треба да биде на повисоко ниво од либерализацијата на која се обврзаа земјите со нивното членство или потенцијално членство во Светската Трговска Организација, како и да се зајакне интра-регионалната трговија со услуги“, истакна Незири.
Министерот за економија ги предочи и решенијата на одредени бариери кои беа предложени на денешната седница:
„Македонија има бариери за извоз на лекови во Албанија и за извоз на вино во Србија. На седницата донесовме заклучок Република Албанија во наредниот период да ја согледа можноста да направи измена на Законот за здравство, во делот со кој се регулира увозот на лекови, кој предвидува лековите што се увезуваат да бидат регистрирани во земјата во која се произведуваат и во една земја-членка на ЕУ. Побарав од Албанија да се тргне бариерата и лековите од Македонија да може слободно да се увезуваат“, рече Незири
Тој посочи дека со Србија е договорено на највисоко можно ниво да се расправа за проблемот со увозот на македонското вино.
„Заклучивме за оваа проблематика да се разговара на заедничката седница на владите на Република Македонија и Република Србија, што треба да се одржи во периодот од 22 до 24 декември годинава. Очекувам до крајот на годинава или во првата половина од 2015 година да бидат елиминирани двете бариери за извоз на македонски производи во Албанија и Србија, благодарение на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА“, рече Незири.
Истовремено, ЦЕФТА Страните се согласија до крајот на 2015 година да започнат преговори со цел склучување на Рамковен договор помеѓу царинските администрации за поедноставување на инспекциите, за размена на податоци и за соработка во програмите за трговско партнерство. Беше поздравен и процесот на потпишување или ратификација на Пан-европската медитеранска Конвенција (ПЕМ) која ќе ги спои разните зони на дијагонални кумулации во Конвенцијата. За потестување, Република Македонија во септември оваа година ја ратификуваше Одлуката за потекло според Конвенцијата во рамките на ЦЕФТА, а во тек е постапката со ЕУ, ЕФТА земјите и Турција.
На седницата, меѓу другото, беше договорено и да се формираат работна група за електронска размена на информации, комитет за олеснување на трговија, и поткомитет за трговија со услуги, како и да се измени одлуката за основање на Комитет за избор на мандат на персонал на ЦЕФТА Секретаријатот, да се основа отворен фонд на ЦЕФТА Комитетот и да се воведе национална програма за експерти.
Од наредната година претседавач на ЦЕФТА ќе биде Молдавија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

