Македонија
Македонија станува составен дел од заедничкиот енергетски простор на Европа
Сигурен, одржлив и конкурентен енергетски сектор претставува еден од главните приоритети на Македонија, а главна цел е да се создаде стабилна регулаторна и пазарна рамка за привлекување на инвестиции во овој сектор, со цел да се овозможи континуирано снабдување со енергија, што е предуслов за економски развој и социјална стабилност.
Ова во четвртокот го истакна министерот за економија Беким Незири на церемонијата на затворање на проектот „Зајакнување на административниот капацитет на Секторот за енергетика во Министерството за економија и Агенцијата за енергетика“, неопходни за усогласување со законодавството за енергија и други релевантни обврски на ЕУ, а финансиран од ЕУ.
„Финализирањето на овој двегодишнеиот ИПА проект е уште една потврда за важноста на процесот на европска интеграција за Македонија, бидејќи европската перспектива е важна насока која придонесува за спроведување на суштински реформи во општеството, зајакнување на демократските стандарди и подобрување на животниот стандард – што претставува и наша главна цел“, рече Незири.
Министерот информираше дека во рамки на проектот беа изработени новите нацрт-текстови на Законот за енергетика и Законот за биогорива, како и разни стратешки документи од значење за понатамошниот развој на енергетскиот сектор, насоки за потенцијалните инвеститори и извештаи во врска со обврските на Македонија кон Секретаријатот на Енергетската заедница. Беа проучени модели на постоечките најдобри европски практики за да се овозможи поголема ефикасност при усогласувањето со законодавството од Договорот за енергетска заедница и законодавството на ЕУ за енергија и да се обезбеди стабилна законска и регулаторна рамка, како и поголем потенцијал за инвестиции во енергетскиот сектор.
Раководителот на соработка во Делегацијата на Европската Унија, Мартин Клауке објасни дека станува збор за проект со вкупен буџет од 1,6 милиони евра, финансиран од страна на Европската Унија, од кои 10 отсто беа национално кофинансирање.
„Овој ИПА проект ѝ помогна на земјата да ја подготви новата законска рамка, во согласност со правилата на енергетскиот пазар на ЕУ, како и да ги зајакне капацитетите за имплементација на правилата. Новиот Закон за енргетика има за цел да го транспонира европското законодавство за гас и електрична енергија, а пазарот на енергија да биде целосно ефективен и во согласност со европскиот. Ова ќе ви помогне да ги задржи цените на најниско можно ниво, да се зголемат стандардите на услугите и да се осигура безбедноста во снабдувањето. Воедно, развиени се повеќе стратешки документи, вклучувајќи и функционална анализа на институциите кои се вклучени во овој сектор, а сите овие активности се направени во тесна координација со Енергетската заедница“, рече Клауке.
Тој додаде дека со реформите коишто континуирано се спроведуваат, Македонија станува составен дел од заедничкиот енергетски простор на Европа, а ЕУ е подготвена да ѝ помогне на земјава и во понатамошните чекори за приближување кон Европа.
Директорот на проектот Гордана Јуруковска (ATC Consultants GmbH) подетално ги објасни сите компоненти на проектот, осврнувајќи се на важноста на луѓето со јасна визија, кои беа дел од него и силното лидерство, кое овозможува институцијата надлежна за енергетика да функционира во насока на поставените европски цели. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ковачевски: Поддршката за домашните компании продолжува, СДСМ нема да се откаже од подобра и европска иднина за државата
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска оствари средба со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Менди Ќура, и со членовите на комората, на која што се разговараше за ефектите од досегашните економски мерки, за идните мерки на СДСМ, како и за нивните предлози, за тоа што е потребно да се направи во следниот период за развој на приватниот сектор и економијата.
Ковачевски по средбата, во изјава за медиуми, речедека со сите стопански комори досега имало успешна соработка, потенцирајќи дека и во време на најтешки кризи се Владата предводена од СДСМ, носеше правилни мерки за заштита на економијата, ликвидноста на компаниите и стандардот на граѓаните.
„Во тоа време направивме девет пакети антикризни мерки, во кои што учествуваа секогаш и претставниците на Стопанските комори, вклучително и Стопанската комората на Северозападна Мкаедонија. На тој начин успеавме да спасиме 80.000 работни места во 20.000 компании. Подоцна продолживме со зголемување на минималната плата, за која што секогаш имаше поддршка од оваа комора меѓутоа и од другите, и до зголемување дојде и на просечната плата“, рече Ковачевски.
Во однос на поддршката за домашните компании, Ковачевски посочи дека тоа е еден од приоритети на СДСМ и дека преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, домашните компании за прв пат добија поддршка од држвата, која со новата четиригодишна програма на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, ќе се зголеми.
„Во текот на изминатите години, како Влада имаме обезбедено 100 милиони евра финансиска поддршка за домашните компании. За наредниот четиригодишен мандат, планираме над 180 милиони евра, што ќе отвори нов циклус на инвестиции кај домашните компании“, рече Ковачевски.
На средбата, како што кажа Ковачевски, се разговарало и за клучните реформи во државата кои што се поврзани со евроатлантските интеграции на Северна Македонија, при што Ковачевски потенцираше дека СДСМ како партија не се откажува од интегрирањето на државата во ЕУ, согласно со преговарачката рамка која што е усвоена.
„Веќе оваа недела ќе биде усвоена реформската агенда која што е дел од Планот за раст на Западен Балкан, во кој што точно ќе бидат наведени реформите кои што ќе треба да се прават со цел да се повлекуваат траншите за Македонија. Тоа ќе бидат реформи во сите области од економијата, јавната администрација до правосудството и добрососедските односи“, истакна Ковачевски.
При тоа, Ковачевски потенцираше дека најголем дел од предлозите на Стопанската комора на Северо-западна Македонија, кои што беа дадени уште пред изборите, се веќе имплементирани во четиригодишната програма на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
„Значи тоа зголемување понатамошно на минималната плата, зголемување на просечната плата и секако поддршка нова на индустријата, особено на компании кои што се извозно ориентирани и определување на доволна сума на финансиски средства за капитални инвестиции во државата. Ние имаме предвидено 3,5 милијарди од кои што 2,7 милијарди се за инфраструктурни проекти во државата во наредниот четиригодишен период.Тука би го додал и земјоделството, предвидуваме поддршка во земјоделството во четиригодишниот период од 1,3 милијарди евра, што секако ќе значи зголемено производство на храна, зголемен извоз на храна и зголемен извоз на земјоделски производи“, исткана претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Економија
АСО: Владата преку измени на тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ја охрабрува Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во Тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.
АСО како регулатор на пазарот на осигурување уште еднаш јавно информира дека е целосно неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.
Клучните аргументи против зголемување на цената се наведени во анализата што е доставена до надлежната комисија при Министерството за финансии.
Зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. Напротив, како што се додава, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување.
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.