Македонија
Македонија вработува – едногодишен проект за зголемување на вработеноста
Владиниот проект „Македонија вработува“, што беше промовиран во среда, предвидува вработување на лица од повеќе категории, за кои работодавците ќе бидат ослободени од плаќање задолжителни социјални придонеси и персонален данок за доход.
Околу 150 илјади невработени до 35 години, лица од 35 до 50 години кои повеќе од 10 години се без работа, лицата над 50 години, невработени од ранливите категории граѓани, и лицата постари од 58 години, ќе имаат можност да се вработат со овие мерки, кои ќе стапат на сила следниот месец, а ќе траат една година.
„Прва група се невработени лица до 35 годишна воздраст кои претходно не биле вработени или биле вработени, но не најмалку три месеци пред вработувањето согласно оваа мерка. Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок во период од 3 години, а ќе бидат должни да го задржат лицето уште една година по истекот на периодот за кој е ослободен од давачките. Во оваа група има околу 70 илјади невработени“, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, на презентацијата на проектот.
Втората група, се невработени од 35 до 50 години, кои во последните години биле најмалку 10 години без работа. И тие треба да не биле вработени најмалку три месеци пред вработувањето согласно овие мерки. За нив работодавачот ќе биде ослободен од плаќање социјални придонеси и персонален данок во траење од 5 години со обврска да ги задржи на работа уште една година по истекот на периодот за кој користел поволности. Во оваа категорија граѓани, според Пешевски, има околу 61 илјада невработени граѓани.
Во третата и четвртата категорија, појасни вицепремиерот, се невработени над 50 години, невработени лица кои се родители на три или повеќе деца, самохрани родители, членови на еднородителски семејства, приматели на социјална парична помош, деца без родители и родителска грижа, жртви на семејно насилство, лица со инвалидност и со намалена работна способност, професионални војници на кои им престанал работниот однос, и родители на деца со пречки во развој кои се приматели на посебен додаток.
„Во оваа група проценките се дека има околу 43 илјади лица. Работодавачот кој ќе вработи лица од една од овие две групи ќе биде ослободен во траење од 5 години, без натамошна обврска да ги задржи на работа доколу сака“, рече Пешевски.
Последната петта група се лицата над 58 години кои во последните две години се невработени. Работодавачот е ослободен од давачките до исполнување на условите на старосна пензија. Според анализите, рече Пешевски.
„Нашата цел е со овој проект да помогнеме во придвижувањето на економијата во забрзано отворање и создавање нови работни места. Да спроведеме политики со кои ќе им помогнеме на илјадници и илјадници невработени лица од различна возраст и со различен статус“, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој појасни дека компаниите кои сакаат да вработат лица од овие категории и да ги користат поволностите треба да не го намалиле бројот на вработени од 15 март годинава до денот на вработување нови работници за кои ќе користат поволности, да немаат неисплатени плати придонеси, даноци повеќе од два последователни месеци.
Спасов најави дека во текот на неделава законските измени кои вчера биле усвоени на владина седница, ќе бидат разгледувани со синдикатите и организациите на работодавачи од Економско социјалниот совет и согласно нивните забелешки и препораки ќе влезат во собраниска процедура.
Проектот претставува надградување и вработување на мерката за вработување на млади до 29 години со ослободување од плаќање придонеси во траење од 12 месеци, која, како што рече, за една година колку што се спроведува, заклучно до денеска овозможила вработување на 7.712 млади луѓе во Македонија./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

