Македонија
Македонската економија забрзано се движи напред, ЕБОР предвидува интензивен раст во 2015 и 2016
Согласно извештајот за Регионална економска иднина на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), објавен во четвртокот, македонската економија ќе продолжи да расте со интензивна стапка, и со зголемување од 3,5 отсто во 2015 и 2016 година.
Растечките бројки во делот на извозот, значително зголемени во првата половина од годината, се главниот двигател на ваквите економски резултати, кои се едни од најдобрите во регионот.
Меѓутоа, значајни негативни ризици произлегуваат од внатрешно-политичките проблеми и големиот раст на јавниот долг.
Во принцип, прогнозата за економиите каде што инвестира ЕБОР, останува поделена, при што земјите географски поисточно, се наоѓаат под поголемо влијание од руската рецесија, како и ниските цени на нафтата и на другите производи.
Регионите позападно, имаат придобивки од нагорниот тренд во еврозоната и влијанието на приспособливите монетарни политики на Европската централна банка.
Според најновиот извештај на ЕБОР за Регионална економска иднина, растот на целиот регионот се очекува да се забави за само 0,2 отсто оваа година, од 1,8 отсто во 2014 година. Умерен раст од 1,6 отсто се очекува во 2016 година. Овие предвидувања се непроменети од мај, но со нив се прикриваат регионалните разлики .
Се очекува украинската економија да се намали за 11,5 отсто во 2015 година, што претставува влошување од четири процентни поени, во споредба со прогнозите од мај годинава.
„Во моментов, по пет последователни години на забавен раст, можеби ќе видиме некаков пресврт во 2016 година. Како и да е, значајните негативни ризици остануваат како недостатоци”, рече Ханс Петер Ланкес, вршител на должност главен економист на ЕБОР.
Во извештајот, како еден од ризиците за поострото забавување на економските резултати во Кина, е зголемувањето на каматните стапки во САД, кое беше поголемо од очекуваното. Влијание имаат и политичката нестабилност, геополитичките тензии и нерамномерното спроведувањето на програмата за финансиска помош на Грција.
Извештајот истакнува дека бегалската криза која остро се засили во 2015, влијае врз економиите на голем број земји.
Од земјите „први на удар“ од оваа криза, се проценува дека Турција примила повеќе од два милиони бегалци, а во Јордан нивниот број изнесува речиси една петтина од населението. Во некои случаи, овој масовен прилив, доведува до отежнување на јавните услуги, владините финансии и пазарите на трудот.
Транзитните земји во југо-источна Европа, кои обезбедуваат медицинска и социјална заштита, храна, вода и сместување за бегалците, се соочуваат со логистички и фискални предизвици.
Гледано регионално, во извештајот на ЕБОР се предвидува релативно силна перспектива за централна Европа и балтичките земји, која е поддржана од квантитативното олеснување во Еврозоната и пониските цени на производите, кои овозможуваат полесни монетарни услови во регионот.
„Очекуваната просечна стапка на раст од околу 3 проценти во 2015 и 2016 година предвидува континуирана, иако бавна, конвергенција на нивоата на приходи со оние на развиените економии”, се вели во извештајот.
Економиите во југо-источна Европа, исто така имаат придобивки од квантитативното олеснување во Европа, послабото евро и пониските цени на нафтата. Генерално, се очекува растот да почне да се зголемува во 2015 година, а да се одржува во 2016 година. Развојот на економијата на Грција се очекува да се намалува во оваа и во следната година.
Економската прогноза за источна Европа и Кавказ за 2015 година, под влијание на излевањето на последиците од рецесијата во Русија и поради подлабоката рецесија во Украина и Белорусија, е влошена.
Се очекува Украина повторно да бележи раст во 2016 година. Се чини дека економијата го достигна дното во средината на годината и дека е на пат кон постепено закрепнување. Програмата на ММФ во Украина, во голема мера се спроведува според предвидувањата.
Растот во Турција се предвидува да остане непроменет, со 3 отсто во 2015 година и 2,8 отсто во 2016 година, што е под долгорочниот потенцијал на земјата. Слабата домашна побарувачка, може делумно да се компензира, со подобрување на извозот во 2016 година, затоа што обновувањето во Еврозоната го поддржува извозот, а послабата домашна побарувачка и пониските цени на производите ги намалуваат сметките за увоз.
Во извештајот се истакнува дека Турција е особено ранлива на заканата за одливи на капитал, кои влијаат на новите пазари, со оглед на очекуваните зголемувања на каматните стапки во САД.
Во Русија, се очекува производството да се намали за 4,2 отсто во 2015 година и за 1,2 отсто во 2016 година. Потрошувачката и инвестициите ќе опаднат, со оглед на значително пониските цени на нафтата, со што ќе се интензивираат структурните проблеми и влијанието од економски санкции.
Во 2016 година, се очекува рецесијата да се ублажи со прилагодување на економијата на пониски цени на нафтата.
Растот во централна Азија се очекува значително да забави во 2015-2016 година, во споредба со 2014 година, за сметка на намалените цени на производите и силните економски врски на регионот со Русија.
Како резултат на силните инвестиции во јужниот и источниот Медитеран, предвидувањата беа ревидирани и за Египет. Во Тунис прогнозите за раст се послаби, заради влошувањето на условите во земјата, а регионалните безбедносни проблеми ја влошуваат состојбата за Јордан. Силните позитивни резултати во земјоделството, се очекува да го зголемат растот во Мароко на 4,9 отсто во 2015 година. Во 2016 година, се предвидува растот да забави и да изнесува 3,8 отсто. /крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.

