Македонија
Македонско-украински бизнис форум во Скопје

Сојуз на стопански комори на Мекедонија (ССК) организира Македонско – украински бизнис форум на кој ќе присуствува висока официјална и бизнис делегација од Стопанската комора за трговија и индустрија на Украина, официјални претставници на Сојуз на стопански комори на Македонија и претставници од бизнис секторот во Македонија.
На бизнис форумот, што ќе се одржи во среда, во хотел ТЦЦ Гранд Плаза, официјално обраќање ќе имаат Драган Митковски – заменик претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија и Чижиков Генадиј Дмитриевич, претседател на Стопанската комора за трговија и индустрија на Украина.Целта за одржувањето на Македонско-украинскиот бизнис форум е подобрување на меѓусебната соработка, остварување на директни контакти со компаниите од Украина во насока на креирање на можности за воспоставување на конкретна деловна соработка и зголемување на продажбата на домашните производи и услуги.На Бизнис форумот ќе присуствуваат украински компании од различни сектори: автомобилски сектор, производство на сточна храна и производи од соја, медицина, градежништво, енергетика, производство на јаглен и др./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерството за финансии достави барање до 22 меѓународни финансиски институции и банки за финансирање на брзата пруга

Министерството за финансии денеска испрати до 22 меѓународни финансиски институции и странски комерцијални банки барање за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга долж Коридорот 10.
Станува збор за финансиски институции од Европа, САД, Јапонија и Обединетото Кралство, од кои дел се институции со коишто земјата и претходно соработувала на одредени проекти.
Поконкретно барањето е доставено до Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Фондот за меѓународен развој на ОПЕК, Француската развојна агенција, КФВ Развојната банка, Италијанската развојна банка, Јапонската агенција за меѓународна соработка, германската ДЗ Банка, Морган Стенли, Уни Кредит Банка Австрија, Сити банк, ЏП Морган, Дојче Банк, Сосиете Женерал, Рајфајзен банк, ЕРСТЕ банк, Банка ИМИ, британската Стандард чартерд, Банка на Америка, јапонската МУФГ Банка, како и американската Голдман Сакс. Износот кој се бара за реализација на проектот е 1,91 милијарда евра.
Согласно испратеното барање, одговорот за пројавување интерес меѓународните финансиски институции и странските комерцијални банки треба да го достават до крајот на овој месец, со можност за продолжување на рокот по барање на банките.
Имено, Министерството за финансии го испраќа барањето за пројавување интерес со меѓународните финансиски институции врз основа на Заклучок на Владата и врз основа на законските прописи, односно Законот за јавен долг. Заедно со барањето Министерството за финансии испраќа до меѓународните финансиски институции и банките и образложение за проектот подготвено од Министерството за транспорт и врски и МЖ Инфраструктура, а кое исто така е разгледано од страна на Владата.
Економија
Божиновска од МЕФ 2025: Визијата на Македонија е создавање современ и иновативен енергетски модел во интерес на граѓаните и државата

Визијата на Македонија е создавање на современ и иновативен енергетски модел кој ќе овозможи праведна транзиција и ќе стане двигател на економскиот раст, во интерес на граѓаните и државата, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во своето обраќање на денешниот министерски панел за Западен Балкан: „Инвестиции во време на превирања и брзи пазарни случувања: Каде се наоѓа регионот на Западен Балкан?“ во рамките на Македонскиот енергетски форум (МЕФ) 2025, кој оваа година се одржува под мотото „Поддршка за чистата енергетска револуција во Западниот Балкан“.
На Форумот учествуваа врвни експерти и клучни актери од целиот свет кои на дводневниот настан дадоа свои видувања во насока на зајакнување на регионалната соработка и забрзување на зелената транзиција.
Министерката Божиновска, на денешниот настан, зборуваше за важноста на регионалната соработка.
„Заедно со земјите од регионот ги претвораме пречките во можности и придонесуваме Западниот Балкан да се постави на светската енергетска мапа“, потенцираше министерката Божиновска, нагласувајќи дека заедничката соработка ќе придонесе за одржлив енергетски систем.
Во рамките на Македонскиот Енергетски Форум (МЕФ) 2025, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска оствари средба со генералниот директор на Меѓународната агенција за обновлива енергија, Франческо Ла Камера.
За време на средбата, министерката Божиновска нагласи дека Македонија е посветена кон спроведување на фер и инклузивна енергетска транзиција во земјата. При тоа, министерката Божиновска истакна дека Македонија мора да ги следи европските и светски трендови за да оди напред и затоа од клучно значење е да се создадат услови за безбедна енергетска и климатска трансформација.
Економија
Народната банка го објави конкурсот за годишната награда за млади истражувачи за 2026 година

Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2026 година. Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.
Кој може да учествува?
Право за учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.
Што треба да содржи трудот со којшто се конкурира?
Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:
апстракт;
осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
анализа;
заклучни согледувања и
библиографија.
Дали може да се конкурира и со труд којшто веќе бил објавен?
Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд коишто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2024 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Како и каде се поднесуваат трудовите?
Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: [email protected]. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик.
Според кои критериуми ќе се вреднуваат трудовите?
Релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај;
Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;
Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;
Соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Северна Македонија);
Соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;
Конзистентност и логичност на тезите во трудот;
Заклучоци и препораки и нивната соодветност.
Кој е крајниот рок за доставување на трудовите?
Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2026 година.
Од што се состои Годишната награда?
Наградата е во парична форма, којашто за првонаградениот труд изнесува 130.000 денари, додека втората награда изнесува 65.000 денари.
Каде е објавен конкурсот?
Конкурсот е објавен на следнава врска.