Македонија
ММФ и препорача на Македонија да заврши со релаксираната монетарна политика
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) смета дека Република Македонија треба да заврши со релаксираната монетарна политика, а изнесе и препорака во врска со фискалната политика. Воедно ММФ оцени дека растот од 3,5 отсто ќе биде најголем во регионот.
„Растот на кредитите на населението и компаниите веќе се зголеми, а каматните стапки се намалуваат. Доколку и понатаму се намалуваат каматните стапки, тоа нема да креира дополнителен раст на кредитирањето“, изјави шефот на мисијата на ММФ за Македонија,Ивана Влаткова Холар.
Изнесувајќи ги првичните заклучоци на од мониторингот на ММФ, Влаткова Холар рече дека Македонија годинава би требало да оствари раст од 3,5 отсто, што е над регионалниот просек
Растот е балансиран и го одразува зголемениот извоз како и зголемената домашна побарувачка.
Домашните инвестиции се поддржани со јавни инфраструктурни проекти, приватната потрошувачка е исто зголемена заради зголемениот раст на кредитите, растот на вработувањето и зголемените реални плати и пензии, рече Влаткова Холар.
Според неа се очекува повремена дефлација водена од ниските цени на храната и генерално пониските цени во еврозоната.
„На буџетската страна сметаме дека е потребна посебна консолидација. Во новата среднорочна фискална стратегија за периодот 2015-2017, се вклучени повисоки таргети на дефицитот отколку оние во претходната стратегија“, рече Влаткова Холар.
Тоа, според неа, значи дека стабилизацијата на долгот ќе се случи подоцна и на повисоко ниво.
ММФ препорачува доколку буџетските приходи се реализираат подобро од проектираното тие треба да се заштедат за подобрување на фискалната рамнотежа наместо да се потрошат.
Во случај да потфрлат приходите треба да постои резервен план со којшто ќе се утврди редоследот во приоритетите во намалување на трошоците.
„Во периодот до воспоставување на планираното фискално правило важно ќе биде јавниот долг да се одржи на прифатливо ниво под планираниот праг од 60 проценти од БДП. Овој праг е всушност плафон а не таргет, што значи дека во нормални услови политиката треба да биде насочена кон одржување на долгот на прифатливо ниво под тоа ниво“, препорачува ММФ.
Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески изрази очекување дека македонската економија во 2014 година ќе оствари раст меѓу 3,5 и 3,8 проценти што е една од највисоките стапки во Европа, а за следните две години се очекува растот да надмине и четири отсто
Ставрески информираше дека македонската еконoмија во првите девет месеци од годината има остварено добар економски раст, што покажува дека здраво се поставени основните политики што го овозможуваат тој раст.
„Првата политика е форсирањето на капиталните инвестиции од буџетот и одржувањето на високо ниво на капитални инвестициии, а втората е привлекувањето на странски инвестиции, кои што значително го зголемија потенцијалот за производство на производи со високо додадена вредност и зголемување на извозот на стоки од земјава, како и креирање на работни места“, рече Ставрески.
Тој потенцира дека во Македонија има добар амбиент за кредитна поддршка на домашните фирми што заедно со останатите мерки помага македонското стопанство да оствари подобри резултати од земјите во регионот.
„Очекувам да се задржи стабилноста на валутата како и можноста фирмите да дојдат до кредитни средства потребни за инвестиии. Државниот долг е на ниво најниско во регионот и ќе остане на такво ниво. Во таа насока се и мерките за фискална консолидација предвидени за следниот период во насока на намалување на буџетскиот дефицит. Тоа намалување, ќе се одвива со онаа динамика која е потребна за да не се наруши растот, со што ќе се овозможи одржливоста на долгот, а од друга страна да не се наштети на економскиот раст“, рече Ставрески.
Гувернерот на НБРМ, Димитар Богов рече дека монетарната политика и во наредните години ќе се прилагодува, со цел да се задржи рамнотежата која е присутна во македонската економија.
„Во најголем дел нашите видувања за развојот на македонската економија и за економските политики се доста слични, така што тоа ни укажува дека сме во добра насока. Монетарната политика продолжува внимателно да ги следи сите движења во македонската економија и соодветно ќе се прилагодува во наредните години, се со цел да се задржи рамнотежата која е присутна во македонската економија и на тој начин да создаде едни стабилни макроекономски услови за продолжување на развојот на економскиот раст“, рече Богов. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

