Македонија
Можен раст на каматите на кредитите и на депозитите, по одлуката на НБМ
Раст на каматите на кредитите за граѓаните и за деловните субјекти може да се очекува откако во вторникот на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Македонија (НБМ), беше одлучено каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, да биде зголемена за 0,75-процентни поени, од 3,25 на 4 отсто.
„Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата“, се коментира во соопштението на централната банка во врска со продолжената политичка криза во земјава и растот на побарувачката на девизи и зголеменото повлекување на валутните депозити од банките од страна на граѓаните.
„Тие целосно се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата. Со тоа, промената на каматната стапка е одговор на дејствувањето на фактори од неекономска природа“, стои во соопштението од Народната банка.
Економските основи, сепак, се здрави и нема некои поголеми нерамнотежи во економијата, порачуваат во дописот од НБМ.
„Сите досегашни показатели упатуваат на солиден економски и кредитен раст, без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Дефицитот во тековната сметка и натаму е умерен, со позитивни преносни ефекти од структурните промени во извозниот сектор и со доволно финансиски приливи за негово финансирање. Воедно, сите показатели за девизните резерви постојано покажуваат нивно соодветно ниво, што е доволно за справување со шокови“, велат од НБМ.
Каматната стапка од 3,25 отстои, за колку што досега банките запишуваа благајнички записи во македонската централна банка, беше историски најниската. Тоа доведе и до историско ниското ниво на каматите на депозитите и на кредитите од банките, тренд кој со ова одлука сега завршува.
„Во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи дополнителни промени во монетарната политика за целосно стабилизирање на состојбите и на очекувањата на економските субјекти, со цел успешно да се остваруваат целите на монетарната политика“, стои во соопштението на централната банка./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

