Македонија
НБРМ: Економијата продолжува да закрепнува со солидно темпо
Македонската економијата и натаму закрепнува со солидно темпо и во вториот кваратал оствари раст од 4,3 отсто, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.
Економското закрепнување се одвива во отсуство на ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно е оценето дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна.
Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви, се вели во соопштениетона НБРМ.
Најновите високофреквентни показатели за третото тримесечје од 2014 година упатуваат на задржување на поволните трендови, со различни движења кај клучните сектори. – Индустријата и трговијата во септември и август, соодветно, забрзано растат на годишна основа, наспроти вредноста на извршените градежни работи, која бележи пад и влијае за забавување на растот. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата, сметаат од Комитетот.
Најновите податоци за инфлацијата во октомври 2014 година покажуваат мал месечен раст на општото ниво на цени од 0,2 отсто, а на годишна и на збирна основа инфлацијата бележи негативна стапка од 0,4 и 0,3 проценти, главно како резултат на пониските цени кај прехранбената компонента и на цените на нафтата.
По високото акумулирање на девизните резерви во третото тримесечје, во најголем дел заради надворешното задолжување на државата, во октомври девизните резерви забележаа мал месечен пад. Комитетот смета дека ваквата промена на девизните резерви се очекуваше, при што показателите на адекватност на девизните резерви и понатаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.
Првичните податоци за октомври укажуваат на натамошни поволни трендови кај кредитната активност, чијшто годишен раст забрза и достигна 9,7 проценти. Во октомври, раст остварија и депозитите, иако поумерен, и на годишна основа се зголемија за 8,5 отсто. Движењата кај монетарните и кредитните агрегати се подобрени во однос на очекувањата во априлската проекција.
Поместувањата на кредитниот пазар даваат сигнал за постабилни очекувања и преносни ефекти на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, со оглед на неизвесните економски случувања, и натаму постојат надолни ризици поврзани со кредитирањето на приватниот сектор во следниот период, стои во соопштението.
Ликвидноста на банките е зголемена под влијание на автономните фактори, што, како што констатира Комитетот, услови натамошен висок интерес на банките за пласирање средства во краткорочни депозити кај Народната банка. На пазарите на пари е забележана зголемена трговска активност, при што пазарните учесници, освен со необезбедени депозити, тргуваа и со хартии од вредност. На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаените сезонски фактори.
Најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува, показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Воедно, со оглед на задолжувањето на државата на меѓународниот пазар на капитал, што не беше вградено во рамки на последните проекции, показателите за адекватност за 2014 година ќе бидат и подобри од очекуваните. Комитетот посочува дека нема ценовни притисоци, економскиот раст е солиден, додека движењата на кредитниот пазар навестуваат поволни движења на кредитниот пазар.
При вакви поволни економски услови, во следниот период НБРМ главно ќе биде насочена на следење на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа. Ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и на растот на светските цени на енергијата и храната. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.
Економија
Забрзување на енергетската транзиција: Јасен план и координиран пристап – одржан состанок на JETIP Инвестициската платформа
Денеска се одржа четвртиот координациски состанок на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP – Just Energy Transition Investment Platform), на кој клучните актери разговараа за напредокот во политиките, планирањето и регулаторните реформи што ја поддржуваат праведната енергетска транзиција на Северна Македонија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, истакна дека во изминатиот период Министерството е фокусирано на зајакнување на политичките и планските основи неопходни за ефективна имплементација на Инвестициската платформа.
Во таа насока, подготвени се два Годишни планови за развој на енергетскиот сектор за 2025 и 2026 година, усогласени со приоритетите на праведната транзиција, кои обезбедуваат јасна краткорочна рамка за реализација на проектите и подготвеност за инвестиции.
Паралелно, Националниот план за енергија и клима ја заврши фазата на јавни консултации и влезе во завршна фаза на финализација. НЕПК ги обединува целите за декарбонизација, развојот на обновливите извори на енергија и потребите за флексибилност на енергетскиот систем, со посебен фокус на регионите погодени од транзицијата од јаглен. По неговото усвојување, Планот ќе претставува стабилна основа за јавните и приватните инвестициски одлуки.
На регулаторен план, во завршна фаза е и подготовката на Законот за обновливи извори на енергија, со чијштоo усвојување ќе се создадат услови за значително забрзување на инвестициите и исполнување на целите за декарбонизација.
Овие активности не претставуваат изолирани реформи, туку овозможувачки чекори за реализација на проектната рамка на Инвестициската платформа.
Владата уште еднаш ја потврди својата силна посветеност на праведната енергетска транзиција, поддржувајќи ја Инвестициската платформа како клучен механизам за координација, инвестиции и забрзана имплементација на реформите.

