Македонија
НБРМ ги пушти во оптек кованите пари „Овен” и „Бик” за колекционерски цели
Народната банка на Република Македонија (НБРМ) ја известува јавноста дека се издадени и пуштени во оптек кованите пари за колекционерски цели „Овен” и „Бик” од серијата „Хороскопски знаци”.
Овие ковани пари се изработени од сребро Аg925, со тежина на среброто од 21,00 г, чистота на среброто 19,43 г, во овална форма со димензии од 35 х 45 мм, полирани со 24-каратна златна меѓуоснова и вметнато тркалезно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.
Цената на кованата пара „Овен“ и на кованата пара „Бик“ изнесува 2.700,00 денари.
Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.
Кованата пара „Овен“ ги има следниве карактеристики:
– на аверсот е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато сино тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем коишто покрај Сонцето и Месечината влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите: „Република Македонија“ и „10 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2015“ и ознаката „Ag925“.
– на реверсот, на левата страна е прикажана главата на овенот. Рогот на овенот го опкружува вметнатото кружно кобалтно стакленце на кое е отпечатено соѕвездието на хороскопскиот знак Овен и се наоѓа на десната страна на монетата. На долниот дел е претставен симболот на хороскопскиот знак Овен отпечатен на ѕвоно, како и името на овој хороскопски знак на латински јазик. Целата композиција е опкружена со украс, долж периметарот. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи ги и симболот Овен, рогот, а делумно и косата) се насликани со злато.
Кованата пара „Бик” ги има следниве карактеристики:
– на аверсот е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато сино тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем коишто покрај Сонцето и Месечината влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите: „Република Македонија“ и „10 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2015“ и ознаката „Ag925“.
– на реверсот, на левата страна е прикажана слика на глава на бик со три ѕвезди на челото. Левиот рог на бикот е поставен под вметнатото кружно кобалтно стакленце на коешто е отпечатено соѕвездието на хороскопскиот знак „Бик“. На долниот дел е претставен симболот на хороскопскиот знак „Бик“ отпечатен на цвет, како и името на овој знак на латински јазик. Целата композиција е опкружена со цветен украс, по должината на периметарот. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи го и симболот на хороскопскиот знак „Бик“, роговите, ѕвездите на челото и делумно цвеќињата) се насликани со злато. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

