Македонија
НБРМ: Раст на девизните резерви во август
Каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 4%, а понудата на благајнички записи на аукцијата на 14 септември да биде непроменета и да изнесува 22.000 милиони денари, беше одлучено на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на седницата одржана во вторникот.
Согласно со објавените проценети податоци за БДП, економската активност во вториот квартал продолжи да расте, но со слично темпо како и во првoто тримесечје. Во однос на проекцијата, растот во вториот квартал е понизок од очекуваниот, заради понискиот раст на бруто-инвестициите во однос на проектираниот. Расположливите високофреквентни показатели за движењата во одделните економски сектори навестуваат продолжување на растот во третиот квартал, но оцената за сега се заснова врз мал обем на расположливи податоци. Објавените податоци за БДП за првата половина од годината се пониски од очекувањата со априлската проекција, што упатува на потенцијално надолно отстапување на проектираниот економски раст за целата 2016 година. Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени во првите осум месеци од годината и натаму е во негативната зона, при пониски цени на храната и енергијата.Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст. Инфлациските остварувања засега упатуваат на пониска инфлација од проектираната, а ризиците околу проекцијата и понатаму се поврзани со променливоста на очекувањата за промените на светските цени на енергијата и храната.На девизниот пазар во август продолжија поволните сезонски движења, така што втор месец по ред банките во трансакциите со клиентите забележаа нето-откуп на девизи. Во споредба со истиот месец 2015 година, движењата во август се значително подобри при висок раст на понудата од страна на менувачниците и фирмите, којашто целосно го надомести умерениот раст на побарувачката за девизи од фирмите. Во трансакциите со физички лица продолжи стабилизирањето на движењата кај побарувачката, а истовремено е забележан раст на понудата на девизи од физичките лица, поради што банките остварија релативно висок нето-откуп со овие клиенти и во август. Во услови на подобрување на девизната ликвидност на банките, се задржа високата понуда на девизи на меѓубанкарскиот девизен пазар. Во такви околности, Народната банка интервенираше со откуп на девизи од банките поддржувачи во износ од 49,3 милиони евра во август. Со тоа, заедно со интервенциите во последната недела од јули, вкупните интервенции на Народната банка во летниот период, заклучно со почетокот на септември, изнесуваат 68,8 милиони евра и надоместија повеќе од половината на средствата продадени во периодот на шпекулативниот напад на девизниот курс оваа година. Високата девизна ликвидност во август овозможи банките да пласираат позначителен износ на девизни депозити на подолг рок (6 и 12 месеци), по позитивни стапки, кај Народната банка.Имајќи ги предвид овие движења, нивното на девизните резерви во август забележаа значително зголемување. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, засега расположливите податоци за третиот квартал упатуваат на нешто помал трговски дефицит од очекуваниот и нето-откуп на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, во рамки на очекувањата. Сепак, расположливите податоци за надворешниот сектор за третиот квартал се ограничени и не може да дадат попрецизна слика во овој сегмент.Откупот на девизи преку интервенциите на Народната банка и во август овозможија зголемување на денарската ликвидност на банкарскиот систем. Дополнително зголемување на ликвидноста имаше и под влијание на готовите пари во оптек, коишто по достигнувањето на максималното ниво на почетокот на август, во остатокот од месецот се намалуваа и на тој начин придонесоа за раст на ликвидноста на банките. Банките го пласираа вишокот на денарска ликвидност во расположливи депозити кај Народната банка, коишто го достигнаа преткризното ниво.Понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти е видливо и преку промените кај депозитната база на банките. Првичните податоци за август покажуваат понатамошен раст на депозитите на населението, а голем придонес кон растот на вкупната депозитна база во овој месец имаа депозитите на корпоративниот сектор. И покрај високиот месечен раст на депозитите во август, заради досегашните послаби остварувања, нивото на депозитите и понатаму е пониско од проектираното. Податоците за кредитниот пазар за август покажуваат речиси непроменето ниво на вкупните кредити на приватниот сектор споредено со јули, при понатамошно месечно зголемување на кредитирањето на населението и месечно намалување на кредитирањето на корпоративниот сектор. Сепак, годишната стапка на раст на вкупните кредити е во склад со проекцијата, но со оглед на послабите остварувања кај депозитниот потенцијал и присутната неизвесност, постојат ризици околу динамиката на кредитната активност во следниот период.Меѓународните финансиски пазари се одликуваа со релативно стабилни движења, додека во однос на макроекономските остварувања на глобален план беа објавени податоци за ниски стапки на економски раст. Во текот на август, централните банки на Австралија и на Обединетото Кралство ја зголемија поддршката на економската активност преку намалување на основните каматни стапки, како и преку дополнителни мерки за монетарно олабавување. Пазарните движења беа под влијание на очекувања за дополнителни мерки во таа насока и од страна на ЕЦБ на состанокот во септември. Од друга страна, во САД преовладуваа очекувањата дека ФЕД ќе преземе натамошни чекори за нормализација на монетарната политика до крајот на годината, во услови на поволни остварувања на американската економија, особено на пазарот на труд.Економските и финансиските услови, како и оцената на присутните ризици покажуваат дека постојната монетарна поставеност е соодветна. По преземените мерки од страна на НБРМ на почетокот на мај, последните податоци покажуваат значително стабилизирање на движењата што би требало да продолжи и во наредниот период. Сепак, неизвесноста поврзана со домашните политички случувања и со глобалното окружување е сѐ уште присутна и дополнително нагласена по гласањето на Обединетото Кралство за излез од Европската Унија. НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на законските цели. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата, бизнисот и синдикатите во координирана акција за намалување на сивата економија
Владата, бизнис заедницата, синдикатите и академската заедница денеска на Годишна конференција на тема „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“ упатија порака за заедничка борба во намалување на сивата економија. Конференцијата се одржа во организација на Владата на РС Македонија/Министерството за финансии, заедно со Организацијата за развој на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација на трудот – МОТ и Економскиот факултет – Скопје.
На официјалното отворање на Конференцијата се обратија претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, деканот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Мијалче Санта, националниот координатор на Меѓународната организација на трудот за РС Македонија, Емил Крстановски и постојаниот претставник на УНДП во РС Македонија Армен Григоријан.
„Нашата цел е јасна – формалната економија да стане попривлечна од неформалната. Да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално. Но, да бидеме искрени оваа борба не може да биде само инспекциска, таа мора да биде и системска. Затоа работиме на: дигитализација на процесите – е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци, намалување на административните бариери за регистрација на бизнис, стимулации за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија, како и зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите“, истакна премиерот во воведното обраќање и додаде дека стратегијата на Владата се темели на три принципи, а тоа е поедноставување, правичност и поддршка.
Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска порача дека Владата со системски и одлучен пристап преку адресирање на нелојалната конкуренција создавање фер и транспарентни услови за работа ќе работи на формализација на неформалната економија.
„Нашата цел е формализација, правичност и создавање еднакви правила за сите. Ќе пристапиме системски и одлучно преку адресирање на нелојалната конкуренција, создавање фер и транспрентни услови за работа и обезбедување чесните компании да не бидат ставени во подредена позиција. Формализација која ќе ја поттикнеме преку поедноставени административни процедури, олеснет пристап до регистрација и јасни правила. Ќе ги охрабриме субјектите од неформалниот сектор да преминат во формалната економија преку поддршка, а не само преку санкции“, истакна министерката.
Министерот за економија Бесар Дурмиши наведе дека намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија.
„Работата во неформалната економија често значи небезбедни услови, долги работни часови, недефинирани работни односи и отсуство на социјална и правна заштита. Непријавените работници се лишени од основните права што произлегуваат од работниот однос, додека компаниите што работат легално се ставаат во понеповолна позиција. Затоа, намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија. Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Министерството за економија и труд и досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување. Но, анализите покажаа дека дел од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, оваа година се издвоени 40 милиони евра за новиот Оперативен план за вработување, со мерки што директно ќе придонесат за формализација и отворање нови работни места. Дополнително, донесен е Законот за работно ангажирање на лица, чија основна цел е формализација на одредени форми на работа и одговор на реалните потреби на пазарот на труд. Од 1 јануари 2026 година започнува примената и на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој стимулира компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст“, посочи Дурмиши.
Деканот на Економски факултет – Скопје при УКИМ, Мијалче Санта рече дека борбата против неформалната економија е долгорочен процес. „Таа, посочи, бара стабилни институции, предвидлива регулаторна рамка, стимули за формализација и постојан дијалог меѓу државата, бизнисите, работниците и експертската јавност. Економскиот факултет – Скопје ќе продолжи да биде сигурен партнер во овој процес преку истражување, анализа, едукација и јавна дебата. Нашата мисија е да придонесуваме кон креирање политики засновани на знаење и факти, во интерес на одржлив економски и национален развој. Доколку сакаме пониска неформална економија, мора да градиме посилна, поправедна и поконкурентна формална економија – економија во која правилата се јасни, институциите се ефикасни, а довербата е заедничка вредност“, рече деканот на Економскиот факултет.
Националниот координатор на Меѓународната организација на трудот, Емил Крстановски истакна дека формализацијата на неформалната економија, од перспектива на МОТ, е клучна за унапредување на достоинствената работа, социјалната правда и инклузивниот економски раст.
„Неформалноста често значи отсуство на работнички права, социјална заштита и безбедни и здрави услови за работа, а воедно ја поткопува продуктивноста, јавните приходи и фер конкуренцијата. Преку промовирање на избалансиран пристап, кој комбинира поддржувачки мерки за претпријатијата, посилна заштита на трудот, социјален дијалог и ефективно, но правично спроведување, формализацијата помага работниците да уживаат сигурност и права, бизнисите да се натпреваруваат на рамноправна основа, а Владата да го прошири опфатот на социјалната заштита и одржливиот развој“, рече Крстановски.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП Армен Григоријан рече дека преку проектот „Поддршка на реформите во јавните финансии“ финансиран од Министерството за финансии на Словачката Република, изграден е софистициран систем кој јасно ги согледува вистинските размери на неформалната економија.
„Со опремување на ревизорите со нови аналитички алатки, овозможивме секоја фискална препорака да биде поткрепена со прецизни податоци. Покрај ова, придонесовме и за синхронизација на националните стратегии и воведување на дигитални алатки за мониторинг во реално време, со што помогнавме одлуките и решенијата што ќе се носат да бидат засновани на факти“, рече постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
Во рамки на Конференцијата беше потпишана „Декларација за партнерство и акција: Заедничка посветеност за формализација на неформалната економија во Северна Македонија“. Потписници беа претставници на клучни министерства во формализација на неформалната економиија, претставници на стопански комори, организации на работодавачи, синдикати, како и претставници на академската заедница.
Во панел дискусии на Конференцијата учесниците дебатираа за креирање политики за ефикасен процес на формализација на неформалната економија и на тема „Како до пазар на труд, деловно и институционално окружување што ги поттикнува граѓаните, работниците и бизнисите да функционираат во формалниот сектор“. Од страна на професорите Борче Треновски и Биљана Ташевска од Економскиот факултет при УКИМ, беше одржана презентација на тема „Детерминанти и ефекти од неформалната економија – со посебен осврт на Република Северна Македонија“.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

