Македонија
Неопходен е нов модел на пријавување на сезонските работници
Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) започна со реализација на серија тематски состаноци во рамки на новиот проект наречен „Деловен појадок“, чија главна цел е размена на мислења и идеи од кои ќе произлезат предлози за измени и дополнувања на законската регулатива во областите кои се од интерес на членките на ОРМ и воопшто на работодавачите, а ќе овозможат подинамичен раст на бизнисот и домашната економија, отворање нови работни места и поголема социјална сигурност на сите граѓани.
На првиот состанок од овој проект, којшто се одржа во вторник, во Прилеп, членови на Организацијата на работодавачи на Македонија од компании од Пелагонскиот и Вардарскиот регион разговараа за тоа како може да се унапреди моделот на пријавување на сезонските работници во задолжителното социјално осигурување со што ќе се зголеми социјалната сигурност на овие луѓе и ќе се елиминира плаќањето високи глоби за непријавените работници.„Нашите анализи покажуваат дека во Македонија расте потребата од ангажман на сезонски работници кај голем број компании од различни стопански гранки, како што се: земјоделството, угостителството и туризмот, прехрамбената, текстилната и другите преработувачки индустрии. Но, истовремено членките на ОРМ укажуваат на потребата од значително поедноставување на моделот на пријавување и плаќање на придонесите за работниците кои се ангажираат на определено време за извршување работи кои имаат сезонски карактер. Во таа насока, ОРМ преку процес на консултации со работодавачите, ќе предложи нов модел за ангажман на сезонски работници, преку т.н. систем на дневни купони (ваучери) за плаќање на придонесите, со што веруваме дека ќе се постигне поефикасна примена на законските одредби за пријавување на овие работници“, објаснува претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.На состанокот, покрај мислења и коментарите од членовите на ОРМ, беше разгледано и искуството на Хрватска во областа на пријавување на сезонските работници. По завршување на консултациите со работодавачите, ОРМ ќе предложи конкретни измени и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.Релизацијата на оваа серија состаноци е дел од поддршката што ја добива Организацијата на работодавачи на Македонија во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.Во Организацијата на работодавачи на Македонија членуваат над 1000 компании од 15 сектори со повеќе од 70.000 вработени. ОРМ е единствената репрезентативна организација на работодавачите од приватниот сектор во земјава која заедно со Владата и синдикатите го сочинува Економско-социјалниот совет, како трипартитно тело за социјално договарање и креирање политики. Истовремено, ОРМ е единствената репрезентативна организација на работодавачи која има легитимитет да преговара и да склучува општ колективен договор за приватниот сектор./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

