Македонија
Незири ги претстави поволностите за инвестирање во Македонија на самит во Турција
Министерот за економија Беким Незири во петокот на Меѓународен балкански економски самит во Бурса, ги претстави инвестициските можности во Република Македонија и поволностите во технолошко-индустриските развојни зони, како модел за рамномерен економски развој.
„Општините и економскиот развој – соработка на Турција со Балканот“ беше темата на која дискутираа претседателите на држави и влади и економските министри од балканските земји на ова трето издание на самитот во организација на асоцијацијата на индустријалци на Турција РУМЕЛИСИАД, градот Бурса и Стопанската комора на индустријалците на Бурса, а под покровителство на Владата на Република Турција.
„Странските директни инвестиции се главната определба во Република Македонија за остварување на економски раст. Посебно задоволство претставува фактот што се зголемува и инвестиционата активност на турски бизнисмени во Македонија, па во последните две години турските инвестиции надминаа 44 милиони евра, позиционирајќи ја Турција во првите топ 10-земји инвеститори. Покрај постојните, во очекување сме на стартот на инвестицијата на Веибо Груп во зоната Ранковце, во вредност од 400 милиони долари и на Истем Медикал од Турција, која наскоро ќе влезе со инвестиција од 10 мил. евра, а одлуки за инвестирање во Македонија има и од уште десетина турски компании“, рече Незири.
Тој истакна дека Република Македонија е привлечна за турските компании пред сѐ поради добрата геостратешка локација, традиционалните пријателски односи со Турција, најниските даноци во регионот, поволностите кои постојат во ТИРЗ-овите, ниските производни трошоци, расположливата едуцирана конкурентна работна сила, заштитата на инвестициите, како и подддршка на инвеститорите од страна на Владата на РМ, која е бизнис ориентирана.
Осврнувајќи се на Технолошко-индустриските развојни зони како модел за рамномерен економски развој во државата Незири објасни дека со целосното заокружување на овој проект, во Македонија ќе функционираат вкупно 14 зони, со што ќе се придонесе за поттикнување на економскиот развој во општините во кои се проектирани зоните, овозможувајќи отварање на нови работни места и зајакната соработка на локалните деловни субјекти со компаниите кои ќе влезат во зоната.
„Токму во поглед на странските инвестиции, изминатата 2014 година е најуспешна за Република Македонија. Благодарение на нив, извозот за само една година се зголемил за 54 отсто во слободните зони, односно во 2014 година во странство се пласирани стоки во вредност од 1 милијарда и 700 милиони евра, а политиките кои ги креиравме и ги спроведуваме во насока на економски раст беа забележани и во меѓународните рангирања“, рече министерот Незири.
За време на престојот во Бурса, Незири оствари средба со заменик премиерот на Турција Булент Аринч, а заедно со градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити се сретнаа и со градоначалникот на Бурса Реџеп Алтепе, валијата на Бурса Мунир Караоглу и турски стопанственици кои се заинтересирани за конкретни инвестициони проекти во Република Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

