Македонија
Незири-Мета: Соработката меѓу Македонија и Албанија континуирано се интензивира
Македонскиот министер за економија Беким Незири во петокот во Тирана оствари средба со претседателот на Собранието на Република Албанија Илир Мета.
На средбата од обете страни беше изразено задоволство од досегашната соработка меѓу двете земји, почнувајќи од трговската размена меѓу двете земји во вкупен износ од над 122 милиони долари за 2014 година, која е регулирана согласно ЦЕФТА Договорот, па сѐ до проектите кои придонесуваат за поголемо поврзување на Македонија и Албанија.
Акцент беше ставен на проектот „400 kV интерконективен далекувод (Македонија- Битола) – (Албанија – Елбасан)“, кој е ставен на листата на приоритетни проекти во рамките на Енергетската заедница во делот на електро енергетската инфраструктура, а со чија изградба придобивки ќе имаат и албанскиот и македонскиот електропреносен систем со оглед дека е прва интерконективна врска помеѓу двата системи.
Незири истакна дека со изградбата на овој далекувод ќе се комплетира Коридорот 8 и ќе се подобрат напонските прилики во југозападниот дел на Македонија, ќе се избегне преоптоварување на одредени далекуводи, но и ќе се зголемат токовите на електрична енергија што придонесува кон развој на регионалниот пазар на електрична енергија, се вели во соопштението на министерството за економија.
На средбата било разговарано и за можностите за воспоставување на интерконекции во делот на природниот гас меѓу двете соседни земји, кои исто така ќе придонесат за сигурноста на снабдувањето на потрошувачите со енергенси, а во делот на патната инфраструктура акцентот беше ставен на проектите од Коридорот 8, меѓу кои и новиот автопат од Кичево до Охрид, со инвестиција од 374 милиони евра, кој започна да се гради во првата половина на 2014 и се предвидува да заврши за 45 месеци.
Незири и Мета ја истакнаа важноста од овој источно-западен крак, како важен заеднички приоритет за сите земји во регионот, бидејќи го поврзува транспортното движење од Јадранско до Јонско Море во Европа, со Црно Море и Азија.
Во делот на железничка инфраструктура, беше разговарано и за планот за изградба на комплетно нова железница на Кородор 8 до Албанија (Кичево-Лин) со должина од приближно 63 километри, за кој е превиден буџет од 8 милиони евра и е во фаза на изработка на основен проект од страна на шпанската консултантска фирма “TYPSA”, со која е потпишан договор кон крајот на минатата година. Согласно договорот подготовката на проектот е со времетраење од 24 месеци и се планира да се заврши во втората половина од 2016 година.
Според министерот за економија Беким Незири и претседателот на албанското Собрание Илир Мета, реализацијата на овие проекти ќе придонесе за уште поинтензивна соработка меѓу двете земји, особено на полето на економијата, продлабочени трговски врски, но ќе биде поттикнувач и за забрзан развој на регионот и негово побрзо интегрирање во европското семејство. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

