Македонија
Незири: Со вложување во општествено одговорни проекти, компаниите вложуваат во својата конкурентност
Поттикнување меѓусебната соработка на одржливи партнерства за општествено одговорни проекти, со кои ќе се подобри квалитетот на живеење на ранливите категории во општеството е целта на Партнерски состанок што во средата се одржа во организација на Црвениот крст.
„Општествената одговорност не е задача само на големите и богатите компании, кои можат дел од својот профит да го насочат во пошироката заедница. Компаниите, без разлика на нивната големина, веќе се свесни дека со вложувањето во општествено одговорни проекти вложуваат во својата конкурентност, најмногу поради тоа што овие практики станаа предуслов за работа и извоз на странски пазари, особено на пазарот на Европската Унија. Од аспект на странските инвеститори, пак, општествената одговорност е еден од начините за намалување на перцепцијата за ризик за инвестирање во земјата“, рече министерот за економија Беким Незири
Тој потсети дека Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија, која Министерството за економија ја додели осма година по ред, покажа дека освен тоа што квантитативно расте бројот на компаниите коишто применуваат и иницираат општествено одговорни практики, подеднакво расте и квалитетот на практиките.
„Годинава имавме 50 пријавени проекти, и 34 компании учесници. Ова е доказ дека Наградата која ја востановивме, ја постигнува целта – да се прошири кругот на деловни субјекти што настојуваат да работат одговорно кон социјалното опкружување“, додаде Незири.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија д-р Саит Саити го изрази своето задоволство што Црвениот крст сè повеќе се потврдува како лидер во граѓанското општество во промоција на општествената одговорност на претпријатијата и се докажува како вистински партнер на компаниите во реализирање на голем број проекти.
„Во изминатиот период Црвениот крст на РМ оствари партнерска соработка со над 30 компании во земјата за заедничка имплементација на голем број проекти за поддршка на различни целни групи на население во заедниците. Интенција на Црвениот крст е оваа партнерска соработка да се развива и унапредува со поголем број компании, кои ќе бидат дел од големото семејство на поддржувачи на хуманата мисија на Црвениот крст. Дополнителна вредност претставува имплементацијата на проектите со активно учество на вработените од компаниите, со што се јакне свеста кај вработените и нивните семејства за потребата од вложување за подобрување на животот во заедницата, како потврда за нивната социјална одговорност“, рече Саити.
На состанокот учествуваа претставници на деловните субјекти, институциите и дипломатските претставништва во Република Македонија. /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.

