Македонија
Незири во Албанија ги претстави поволностите во туристичките зони
Министерот за економија Беким Незири во Тирана учествува на министерската тркалезна маса на тема „Улогата на владите во менаџирањето на сезонскиот туризам“, во рамки на Меѓународната конференција „Управување на туристичката сезона“.
Овој настан е заеднички организиран од страна на Министерството за урбан развој и туризам на Република Албанија и Светската туристичка организација (UNWTO).
„Субвенционирањето на странскиот организиран туристички промет и субвенционирањето на авионските летовите на нискобуџетните компании се покажаа како добри мерки, па бројот на странските туристи во Македонија изминативе осум години двојно е зголемен за 98 проценти, а вкупниот број на туристи забележува раст од 40 отсто. Или, во последните 3 години имаме просечно зголемување на бројот на вкупните посетители од 5 проценти, додека само за последната 2013 година имаме зголемување од 5,8 отсто, а бројот на странските туристи е зголемен за 13,8 проценти. Она што е особено важно да се потенцира е што минатата година за првпат бројот на туристи ја надмина бројката од 700 илјади, која беше и главна цел согласно Стратегијата за развој на туризмот“, истакна Незири.
Незири на конференцијата ги истакна и поволностите на планираните туристички развојни зони, со цел промоција и развој на туризмот и подобрување на квалитетот на услугите за сместување. Според него, по примерот на технолошко-индустриските развојни зони, инвеститорите во туристичките зони ќе можат да очекуваат даночни олеснувања, како што е ослободувањето од ДДВ за градежни материјали за изградба на објектите, државна помош за вложувањата повисоки од 10 милиони евра, ослободување од персоналниот данок во наредните 10 години, како и помош за обука и усовршување на вработените, до 50 отсто од трошоците за општа и 25 проценти за професионална надоградба.
„Меѓународниот туризам постигна нов рекорд во 2013 година, со постигнатата бројка од 1 милијарда туристи на глобално ниво и со приходи од 1,4 трилиони долари, што исто така претставува нов рекорд. Нашата цел е во 2020 оваа бројка да достигне 1,8 милијарди туристи, а најдобар пример за раст на бројот на туристите е нашиот домаќин Албанија, кој во 2005 година имаше 620 илјади туристи, а во 2013 година оваа бројка се искачи на 2,4 милиони, додека пак оваа година планираат да ја завршат со 3 милиони туристи“, рече генералниот секретар на UNWTO Талеб Рифаи, нагласувајќи дека сите земји во регионот се богати со историја и со култура, па сето тоа треба добро да се спакува, во една примамлива приказна, и туристите ќе ги има насекаде.
Министерката за урбан развој и туризам на Албанија, Еглатина Ѓермени, како домаќин на конференцијата ја истакна важноста од меѓусебната соработка, како меѓу јавните институции и туристичките работници, така и меѓу земјите во еден регион.
„Туризмот не може да се развива само од една држава, или посебно од јавниот, а посебно од приватниот сектор, бидејќи процесот на глобализација налага да соработуваме и сите држави во регионот да ги промовираме нашите богатства во еден пакет. Ова е и праксата на ЕУ, кон чие зачленување се стремиме, а туризмот претставува нашата силна страна за сеопфатен развој и отворање на нови работни места во речиси сите сегменти“, нагласи Ѓермени./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.

