Македонија
Незири во Дубаи: Македонија е најсигурна земја за странски инвестиции
Министерот за економија Беким Незири на денешната Министерска тркалезна маса на петтиот по ред Годишен инвестициски состанок во Дубаи, ги претстави политиките, мерките и активностите на Македонија во насока на привлекување и зголемување на странските инвестиции, како главна определба за остварување на економски раст.
„Република Македонија е привлечна за странските инвеститори пред сѐ поради добрата геостратешка локација и близината до европскиот пазар и до Турција, најниските даноци во регионот, поволностите во ТИРЗ-овите, ниските производни трошоци, расположливата едуцирана конкурентна работна сила, заштитата на инвестициите, како и поддршка на инвеститорите од страна на Владата на РМ, која е бизнис ориентирана“, рече Незири.
Тој истакнува дека изминатата 2014 година беше најуспешна во тој сегмент, овозможувајќи зголемување на извозот за 54 отсто за само една година во слободните зони, односно пласман на стоки во странство во вредност од 1,7 милијарди евра.
Министерот Незири потсети на меѓународните рангирања како доказ за успешноста на политиките во насока на економски раст, како што е најновиот извештај на „Дуинг бизнис 2015 година“, според кој Македонија е повторно меѓу лидерите во регионот, особено во делот на водење бизнис, додека според Извештајот „Плаќање даноци 2015“ земјата е позиционирана на седмо место од 189 земји, со што останува меѓу земјите со најниски даночни стапки во светот.
На прашањето дали постои простор за билатерални или мултилатерални договори кои нудат заштита на странските инвеститори, министерот Незири објасни дека законската регулатива обезбедува еднаква основа за странските инвеститори со домашните.
„Како членка во МИГА (Мултилатерална агенција за гаранција на инвестиции) од 1994 година, обезбедена е заштита на странските инвестициии од политички ризик и регулирани се постриктни заштитни стандарди за странските инвеститори, а досега Република Македонија има потпишано вкупно 39 билатерални Договори за поттикнување и взаемна заштита на инвестиции со други земји, од кои се ратификувани вкупно 35 договори. Присуството на многу светски познати компании, кои ја избрале токму Македонија за инвестирање е доказ повеќе за обезбедената сигурност на нивните инвестиции, фер третманот и еднаквите права за секој инвеститор, како и одличните услови понудени на странските компании“, потенцираше Незири.
На годинешнава средба на тема „Одржлив развој преку СДИ – Индуциран трансфер на иновации и технологија“, која е под патронат на Н.Е. Шеикот Мохамед Бин Рашид Ал Мактум, заменик претседател на ОАЕ, Премиер и Владетел на Дубаи, земаа учество претставници од 140 земји, кои дискутираа на многу горливи прашања, како што се политиката и потребните регулаторни рамки, балансирање на правата на интелектуална сопственост за ефективно искористување на СДИ, како средство да се постигне трансфер на технологии, трендовите за СДИ, поврзани со истражување и развој, како и привлекување и интегрирање на глобалните мрежи на знаење и нивната улога во поттикнување и привлекување на СДИ.
Министерот за економија на Обединетите Арапски Емирати, инж. Султан бин Саед Ал Мансури, на средбата истакна: „Посебно сме горди како домаќини на овој собир, каде што се присутни и креатори на одлуки, но и инвестициски експерти, при што акцентот го ставаме на жешките инвестициски дестинации во светот. А тоа што мене посебно ме радува на овој 5. петти по ред Годишен инвестициски состанок е враќањето на оптимизмот на глобалната економска сцена, после повеќе од 5 години застрашувачки економски предизвици. Според повеќето аналитичари, предвидувањата се дека глобалниот БДП ќе порасне и до 3,3 отсто во 2015 година, што е знак дека глобалната економија заздравува и дека инвестициите ќе бараат нови атрактивни пазари“.
Во рамки на инвестицискиот состанок, кој ќе заврши на 1 април годинава, се одржува и голем светски саем со повеќе од 500 изложувачи од различни сектори, како од земјоделско- прехрамбената индустрија, преку телекомуникациите, до медицинската технологија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

