Македонија
Нова туристичка атракција во Маврово – „Летање во природа“
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Р.Македонија планира во Националниот Парк Маврово да го реализира проектот „Летање во природа“ (Zip Line).
Проектот подразбира поставување на систем за летање поврзан со дрвени платформи како и придружни објекти за опрема.
Со оваа нова содржина која ќе се реализира до август 2015 година, се овозможува збогатување на туристичката забавна, рекреативна и авантуристичка содржина во пределот на НП Маврово, овозможувајќи поголем број туристи да уживаат во убавините на НП Маврово.
„Проектот „Летање во природа“ (Zip Line) првпат се реализира кај нас и претставува нов туристички производ збогатувајќи ја туристичката понуда во нашата земја и на соодветен начин ќе придонесе за осовременување, унапредување и развој на еко-туризмот“, соопштуваат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Целта на проектот е да се подобри конкурентноста и атрактивноста на туристичката понуда во Република Македонија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Претседавачот на ЕБА: Комбинацијата на мерки на Народната банка и останатите централни банки вродија со плод
Комбинацијата од монетарното затегнување и макропрудентните мерки, која Народната банка, како и останатите централни банки ја применија, е неопходна како одговор на инфлациските притисоци со кои во последно време се соочуваме, посочи во интервју за “Независен”, Хозе Мануел Кампа, претседавач на Европскиот банкарски одбор-ЕБА.
Претседавачот Кампа истакнува дека централните банки ширум светот, вклучително и во ЕУ, го усвоија овој двоен пристап за да обезбедат финансиска стабилност. “Преку покачувањето на каматните стапки, централните банки директно се соочуваат со инфлацијата, додека макропрудентните мерки, како што е зголемувањето на капиталните побарувања или стрес-тестирањето, им помагаат на банките да останат отпорни во соочувањето со економските шокови”, вели Кампа и нагласува дека треба да се постави рамнотежа помеѓу одржувањето на ценовната стабилност и гаранциите дека банкарскиот сектор може соодветно да ги поддржи нашите економии. “Макропрудентните мерки се гаранција дека банките имаат доволно капитал да ги апсорбираат загубите од нефункционалните кредити и да го одржат кредитниот тек, кој што е клучен за економското закрепнување”, вели Кампа.
Претседавачот на ЕБА истакнува дека воведените мерки вродија со плод бидејќи видовме пад на инфлацијата под таргетот од 2% во ЕУ. “Иако ова е позитивен знак, сепак мора да останеме внимателни. ЕБА продолжува тесно да соработува со централните банки и државните органи за да го процени влијанието на овие мерки и да се осигура дека банкарскиот сектор останува истовремено отпорен и способен да ја поддржи пошироката економија”, посочува Кампа.
Европскиот банкарски одбор (ЕБА – European banking authority), е независен орган на ЕУ чија улога е заштита на интегритетот и робусноста на банкарскиот сектор на ЕУ за поддршка на финансиската стабилност во ЕУ. Претседавачот на ЕБА, Хозе Мануел Кампа, беше учесник на Десеттата меѓународна конференција на Народната банка, која како централна тема ја имаше работата на централните банки во сегашниот предизвикувачки амбиент.
Економија
Сиљановска-Давкова се обрати на женскиот економски форум: „Жените треба да ја преземат реформаторската улога“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на женскиот економски форум – „Балкан 2024“, што се одржува во организација на Здружението на жените менаџери – ЕЛИТ.
Во своето обраќање претседателката истакна дека иако е евидентен напредокот, не смееме да се задоволиме со постигнатото на полето на родовата еднаквост.
„Должни сме да продолжиме со заложбите за рамноправност и еднаквост на правата не само de jure, туку и de facto, оти женските права се човекови права и степенот на демократијата се оценува и низ нивната реализација. Особено е важно да се елиминираат бариерите за економска партиципација и лидерство на жените“, потенцираше претседателката.
Во таа насока таа истакна дека суштински предизвик е да се препознае и признае улогата на жената во процесите на одлучување и обликувањето на општеството, да се зголеми женското влијание врз и во различни сфери, вклучувајќи ги бизнисот, политиката, администрацијата, академската заедница и граѓанското општество.
Претседателката потенцираше дека поттикнувањето на иновациите и овозможувањето одржлив развој е еден од најважните приоритети поврзани со женското лидерство, како и зелената транзиција. Во таа насока таа посочи дека глобалните платформи како Г100 се добредојдени за стимулирање на локалните и националните промени во делот на женското лидерство во политиката, економијата и конкретно, во поддршката на женското претприемништво, менторство и едукација.
„Моќта на глобалните мрежи во споделувањето знаења, ресурси и системи за поддршка на жените е клучна во градењето на следната генерација жени лидерки кои ќе придонесат за конечно премостување на традиционалните граници во секторите во кои доминираат мажи“, посочи таа во своето обраќање.
Осврнувајќи се на глобалните предизвици, претседателката истакна дека во услови кога фокусот е на кризниот менаџмент сè помалку време се посветува на растот, развојот и напредокот и дека поделениот и завојуван свет има егзистенцијална потреба од одговорно лидерство, визионерство и темелна посветеност на одбраната на човековите права.
„Жените треба да ја превземат реформаторската улога. Тие ја имаат способноста да се издигнат над личните интереси и профитот и да ја видат големата човечка слика. Верувам дека токму жените лидерки во економијата, со својата енергија, посветеност, решителност, вештини и знаење може да ги преусмерат економските текови, ставајќи мировен, женски печат и промовирајќи и стимулирајќи одржливи и фер економски политики и модели, истакна претседателката Сиљановска Давкова, додавајќи дека жените лидерки во економијата поседуваат докажана општествена одговорност, грижа за заедницата и екологијата, остварување на милениумските цели без експлоатација и нарушување на работничките права.
Во своето обраќање претседателката изрази очекување дека релевантното меѓународно присуство и активност ќе ги охрабри и стимулира македонските лидерки да станат уште поактивни социјални актерки во низа области.
Целта на форумот е вмрежување на жените од различни сектори од регионот на Западен Балкан и Република Турција, преку размена на искуства и нивна соработка, а во насока на поттикнување и јакнење на улогата и позицијата на жените во општеството.
Економија
Средба на Ангеловска-Бежоска со Ханиг: Заложбите на Народната банка се видливи преку подобрувањето на финансиската вклученост на населението
Со своите напори за унапредување на финансиската вклученост и финансиската едукација, Народната банка успешно придонесува за зголемување на вклученоста на населението во финансиските текови, што е од особено значење за економскиот развој и благосостојбата на граѓаните. Ова беше истакнато на состанокот помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и генералниот директор на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), Алфред Ханиг и нивните тимови, којшто се одржа на маргините на Десеттата меѓународна конференција од високо ниво, во организација на Народната банка.
На средбата беше посочено дека Народната банка низ годините има преземено повеќе крупни чекори кон зголемување на финансиската вклученост и едукација, меѓу кои би можеле да се издвојат првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, поставувањето на финансиската писменост и вклученост помеѓу стратегиските цели на Народната банка, како и основањето посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација во рамките на Народната банка.
Од годинава Народната банка се придружи кон АФИ, којашто е мрежа на централни банки и финансиски регулатори чија цел е да се унапреди финансиската вклученост. Во изминатиот период се постигнати видливи подобрувања во финансиската вклученост кај нас, со раст од 11 процентни поени на населението постаро од 15 години со пристап до финансиска сметка до 85% во периодот од 2014 до 2021 година, според последните податоци на базата на податоци на Светската банка, „Финдекс“. Сепак, постои простор за понатамошно подобрување имајќи предвид дека во еврозоната учеството на возрасните кои користат платежна сметка е речиси 100%.
На средбата стана збор и за политиките за намалување на родовите јазови, заради намалување на структурните нееднаквости и со тоа забрзување на економскиот раст, како и на улогата на централните банки за зголемување на општествената и економската свест за родовата еднаквост.
„Родовата вклученост е прашање за сите. Ако се бориме за поголема застапеност на жените во бизнисот, финансиските услуги и во носењето политики, тоа е затоа што општеството како целина има корист од посилни жени. Пред пет години, оваа дискусија би била посветена на регулаторните препреки, но денес ја препознаваме важноста на решавањето на правните и општествените препреки, за да постигнеме вистинска родова вклученост“, истакна Ханиг.
За време на Десеттата меѓународна конференција, директорот Ханиг претседаваше со третата панел-дискусија, на која се зборуваше за финансиите поврзани со родовата вклученост во регионот на Југоисточна Европа.